Арбен Таравари неодамна во изјава за медиумите изрази подготвеност на своите сопартијци од Алијанса за Албанците да им стави потпис на пратеничките листи доколку сакаат да одат самостојно на изборите за, како што рече, да не се компромитираат до крај и да не коалицираат со ДУИ
Печатите на Алијанса за Албанците не се индивидуална сопственост, а уште помалку на оној што го напушти својот политички дом, се вели во реакцијата на фракцијата на Зијадин Села во Алијанса откако од опозициската коалиција на Албанците, чиј дел е Арбен Таравари, понудија дека доколку до сабота одлучат да одат сами на изборите, а не со ДУИ, ќе ги добијат потписите и печатите за пратенички листи.

„Коалицијата ‘Европски сојуз за промени’ (сега предизборно именувана ‘Вреди’ н.з.) има традиција да ги остава на улица партнерите на коалициите што тие ги основаат (некои како ‘Можеме’, некои се самокиднапираат, некои не се одделуваат од (Христијан Мицкоски, а некои не се одлепуваат од власта), исто како што ги менуваат и имињата на овие коалиции. Печатите на АА не се индивидуална сопственост, уште помалку на оној што го напушти својот политички дом, а што се однесува до ултиматумите, користете ги со ВМРО, а не со Алијансата за Албанците“,
се наведува во реакцијата потпишана од генералниот спектар на АА и актуелен министер за правда, Кренар Лога.
Инаку, Села во синоќешното интервју за за ТВ 21 изјави дека Алијанса за Албанците има две опции на претстојните избори – да се приклучи кон еден од двата формирани албански блока или да не учествува на изборите.
Тој ова го кажа во контекст на судскиот процес што се води за прашањето кому му припаѓаат печатите на партијата – нему или на Арбен Таравари. Според Села, судењето нема да заврши во законскиот рок, што значи дека Алијанса за Албанците не би можела да оди сама на изборите.
„Имајќи предвид дека судскиот процес за тоа кому припаѓа печатот на партијата Алијанса за Албанците не е завршен, а по сè изгледа дека нема да се заврши во законскиот рок, ние нема да можеме да одиме сами на избори. Ни остануваат два избора, или да не учествуваме на изборите или да се приклучиме на еден од двата формирани албански блока. Сепак, Централното собрание на партијата ќе одлучи за следните наши чекори“,
рече Села.

На ваквата изјава на Села денеска реагираа од коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците.
Оттаму потсетија оти Арбен Таравари неодамна јавно им понуди на своите сопартијци од фракцијата во Алијанса за Албанците да им ги потпише листите доколку одлучат да настапат самостојно на претстојните избори.
„Зијадин Села не се изјаснува за оваа понуда бидејќи знаеме дека одамна е договорен да служи исклучиво на интересите на Али Ахмети. Затоа и го направи расколот во Алијанса за Албанците. Искрено жалиме што Зијадин Села и Кренар Лога ги ставија личните пред интересите на Албанците кои јасно и недвосмислено се определени да го испратат ДУИ во опозиција“,
велат од коалицијата „Вреди“.
Арбен Таравари неодамна во изјава за медиумите изрази подготвеност на своите сопартијци од Алијанса за Албанците да им стави потпис на пратеничките листи доколку сакаат да одат самостојно на изборите за, како што рече, да не се компромитираат до крај и да не коалицираат со ДУИ.