Во говорите на носителите на листите во шестте изборни единици, главно, доминираа критики кон Зоран Заев и СДСМ, а речиси воопошто не беше спомната главната тема во партиската реторика на ВМРО-ДПМНЕ веќе месеци нананзад – одбраната на старото име на државата
Вкупно 120 кандидати на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ беа промовирани вечерва на конвенција во Скопје, откако синоќа нивните имиња беа утврдени на седница на Централниот комитет на опозициската партија, а попладнево беше потпишан и договорот со неколку помали партии за коалицирање на изборите.

На бината во Македонската филхармонија немаше многу познати лица, со оглед кадровскиот рез што го направи сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, така што на овие листи во најголем дел постави нови и не многу познати политички имиња за кандидати за пратеници. Во говорите, пак, на носителите на листите во шестте изборни единици, како и на партискиот лидер Христијан Мицкоски, главно, доминираа критики кон Зоран Заев и СДСМ, а речиси воопошто не беше спомната главната тема во партиската реторика веќе месеци нананзад – одбраната на старото име на државата.
Мицкоски, во своето обраќање, порача дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе оди со својата понуда, со нови луѓе и нова генерација, која ќе донесе промени кон подобро.
„Вредностите мора да се чуваат и ние стоиме зад тоа што го промовираме, наместо поради политички комодитет да прифаќаме компромиси со вредностите. И треба секој да знае компромис со ветеното, со вредностите околу кои се обединуваме нема да правам. Во таа смисла, би рекол дека е добар потег за Беса што отиде со СДСМ. И едните и другите бркаат гласови и сакаат да се покријат. Но фактот што Беса ќе освои три или четири пратеника мене ме охрабрува за после изборите“,
рече Мицкодски, алудирајќи на тоа дека ќе биде победник на изборите и дека ќе биде во ситуација да ја формира идната влада.
Тој рече и дека кандидатите за пратеници на листите на ВМРО-ДПМНЕ ќе останат во парламентот по изборите и дека нема да им се дозволи да преминуваат на функции во извршната власт.
Гордана Силјановска Давкова, која е носителка на листата во првата ИЕ, обвини дека во државава во последните три години исчезнала поделбата на власта. Според неа, сега имаме републиканска монархија, со која не се оди во Европа.

„Ги учам студентите дека Собранието е демократска школа, но нашето Собрание е демократска руина. Во името на ВМРО-ДПМНЕ го има и зборот револуционерна. Но, далеку се времињата кога со пушки многумина гинеле и се бореле за Македонија. Време е за поинаква револуција, не за шарена револуција, туку за револуција на владеењето, за револуција на умот, за револуција во управувањето. Политиката мора да стане уметност на можното, а за тоа е потребно знаење, дигнитет, интегритет“,
рече Сиљаноска на конвенцијата.
Во втората ИЕ носител на листатат е потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, додека во третата ИЕ на првата позиција е генералниот секретар Игор Јанушев. Челната позиција во четвртатат ИЕ му припадна на другиот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, чиј главен противкандидат ќе биде Заев. На минатите избори – во 2016 година, во „четворката“ носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ беше тогашниот партиски лидер Никола Груевски. Николоски, кој е родум од Охрид (петтата ИЕ), вечерва му најави на Заев победа „на гостински терен“.
„Има малку политичари во Македонија и досега еден кој рекол: ‘или ќе победиме заедно и ќе бидам премиер или не се кријам позади пратеничкиот мандатот’. Тоа е доблеста на Христијан Мицкоски со кој заедно во четвртата изборна единица и во Македонија ќе го победиме Зоран Заев“,
рече Николски.
Оперскиот пејач Игор Дурловски, кој е носител на листата во петтата ИЕ, зборуваше за слобода и за достоинство.
„Слободата е блиску. Илузијата на нивната лажна сила е скршена. Народот ќе биде повторно слободен. Борбата ќе биде тешка, но ние сме луѓе кои нема да отстапат, нема да го прекршат зборот и кои имаат визија, знаење и енергија, како да одиме напред. Се борам и ќе се борам со сета сила да се врати достоинството на Македонецот, после сите национални понижувања кои ги доживеавме заедно“,
нагласи Дурловски.
Во шестата ИЕ, носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ е Дафина Стојаноска, единствената досегашна пратеничка во новата „прва постава“ на листите.