Владата ќе го разгледа предлогот на Европската енергетска заедница за евентуално намалување на данокот на додадена вредност кај електричната енергија од 18 на пет проценти, за да се намали цената на струјата, чие последно покачување предизвика реакции во јавноста.
„Сè што е добро за граѓаните од старт ми е веднаш прифатливо, но претседател сум на Влада и мора да пресметаме да знаеме што значи тоа, секако, за стабилноста економска на државата, финансиските ресурси на државата и изворите на помагање на македонското стопанство“,
изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Потенцира дека ќе ја разгледаат таа можност и ќе направат пресметки и наведе дека и порано претседателот на Регулаторна имал јавна порака да се разгледаат овие варијанти.
„Мораме да водиме грижа какво ќе биде влијанието врз севкупното обезбедување доволни ресурси во нашата економија. Но секоја идеја, секоја препорака е вредна за внимание, посебно кога доаѓа од европски институции како што е Европската енергетска заедница. Ќе ја разгледаме и ќе оформиме заеднички став како Влада“,
посочи премиерот.
