Иако се направени 12% помалку тестови споредено со август, во септември има повеќе регистрирани случаи на ковид-19. Освен повеќе болни и повисок процент на позитивни тестови, месецов се зголемил и бројот на починати како последица на ковид-19
Министерството за здравство денеска извести дека во последните 24 часа се направени 1 697 теста, при што биле регистрирани 194 нови случаи на ковид-19. Ако се потроши малку време и се провери кога последен пат имало толку многу нови случаи на ковид-19 за еден ден, се доаѓа до сознанието дека тоа се случило на 8 август, кога имало 200 нови случаи. Или лошо како денеска не било речиси два месеца.
Поговорката вели „една ластовичка не ја прави пролетта“, но бидејќи во случајот бројките не се однесуваат на најава за нешто пријатно, нурнавме подлабоко во статистиките.
Во септември споредено со август повеќе новозаразени од помалку тестови
Според податоците кои секојдневно ги објавува Министерството за здравство, во септември имало 3 663 новорегистрирани случаи на ковид-19. Иако станува збор за мала разлика, тоа значи дека овој месец имало повеќе нови случаи од август (3 635). Не треба да се заборави и дека септември има еден ден помалку од август.

И покрај тоа, тешко е само од овие бројки да се изведе заклучок – дали состојбата во септември се влошила споредено со август? Затоа, го пресметавме и бројот на направени тестови, бидејќи логично е да се претпоставува дека со поголем број на тестови има поголеми шанси да се откријат повеќе нови случаи.
Но, состојбата е спротивна. Во септември се направено значително помалку тестови од август, а регистрирани се повеќе пациенти со ковид-19. Односно, во септември се направени 40 508 теста, што е 12% помалку тестови споредено со август (45 911) и околу 2% помалку од јули (41 155).

Ако овие податоци се вкрстат, се добива јасна слика за еден од клучните индикатори кој го користат и епидемиолозите – бројот на позитивни случаи од спроведени тестови. Во просек, за месец септември, тој процент изнесува 9%. Бројката не е алармантна, но е полоша од онаа за месец август кога во просек позитивни биле 7,9% од тестираните. Како што покажува графиконот подолу, во јуни и во јули било значително полошо, но фактот што септември е полош од август не е добар знак.

Во септември имало и повеќе починати отколку во август
Дека „есенскиот бран“ можеби веќе е почнат говорат и податоците за бројот на починати. Анализата на „360 степени“ покажува дека во септември починале повеќе пациенти како последица на ковид-19 отколку што тоа било случај минатиот месец.
Во последните 30 дена починале вкупно 136 лица. Тоа е за околу 16% повеќе смртни исходи споредено со август, кога имало 117 фатални случаи. Но, септември е подобар од јули и од јуни, кога имаше 184 односно 169 смртни случаи како последица на ковид-19.
Зошто се зголемуваат бројките?
На 22 септември, од владината говорница, министерот за здравство, Венко Филипче, ја објаснуваше опасноста од т.н. „есенски бран“. Тогаш кажа дека „стабилниот период завршува”, но и дека граѓаните „се опуштија“.

„Од анализите на епидемиолошките анкети, на новозаразените, јасно може да се заклучи дека главната причина за зголемување на бројката се должи на непочитување на мерките и тоа пред се: групирање, семејни собири, прослави, свадби, кои се забранети, но и генерално опуштање на граѓаните. Очигледно дека граѓаните заборавија на важноста за почитување на мерките и последиците кои ги сносиме сите од нивното непочитување. Летото е зад нас, а со тоа и стабилниот период којшто досега го имавме полека завршува. Ризикот кој го носи есента е сериозен аларм дека мора и натаму да дејствуваме за да го заштитиме и јавното здравје но и здравствениот систем”,
изјави министерот за здравство Венко Филипче на 22 септември 2020 година.
Утре почнува новата учебна година. Последен пат учениците беа во училиштата на 10 март, односно пред седум месеци. Наставата беше прекината со цел да се спречи ширењето на заразата и, првично, се чини дека мерката даде резултати.
Во меѓувреме докторите научија многу за вирусот, но медицината се уште нема ниту лек ниту вакцина. А искуството, дури и од развиените земји, покажа дека отворените училишта придонесоа за повторно разгорување на епидемијата. Тоа беше и една од причините што во македонските училишта физички нема да седнат сите деца, туку во најголем дел тоа ќе бидат ученици од I, II и III одделение.
Резултатите од оваа и од останатите одлуки за „нормализација“, најверојатно, ќе се видат веќе во октомври.