Учебната година, која започнува утре, е една од најпредизвикувачките во историјата на земјата поради епидемијата со ковид-19. Бројките за месец септември, вклучувајќи ги и тие од денеска, говорат дека состојбата со коронавирусот се влошила, споредено со август, барем кога се во прашање смртните случаи
Институтот за јавно здравје вчера соошти дека состојбата со коронавирусот, во периодот од 21 до 27 септември, се подобрила споредено со претходната недела. Имало и помалку новозаболени и помалку починати лица.
Но и покрај позитивната слика за таа една недела, септември не е „добар“ месец ако се спореди со претходниот, август. Анализата на „360 степени“ на бројките кои секојдневно ги објавува Министерството за здравство, покажува дека во септември починале повеќе пациенти како последица на ковид-19, отколку што тоа било случај минатиот месец.
Како што покажува графиконот подолу, во последните 30 дена починале вкупно 136 лица. Тоа е за околу 16% повеќе смртни исходи споредено со август, кога имало 117 фатални случаи. Но септември е подобар од јули и од јуни, кога имаше 184 односно 169 смртни случаи како последица на ковид-19.

Сепак, додека бројот на починати како апосолутна бројка пораснал, не се зголемил и процентот на заболени од ковид-19 кои ја губат битката на вирусот. Во септември тој процент речиси константно изнесувал 4,1%, што значи дека на секои 1 000 заболени во просек 41 лице не успевало да ја победи болеста. Трендот е сличен веќе втор месец и е во констатно опаѓање, особено споредено со крајот на мај кога процентот на починати од заболени изнесуваше 5,9%.
