Шефот на македонската дипломатија порача дека очекува интензивирање на контактите на политичко ниво и на работата на заедничката комисија, како обврска од договорот за пријателство со Бугарија
Македонската влада ќе ги интензивира контактите со Бугарија за да се изнајде решение за несогласувањата и да се избегне каква било блокада на преговорите за членство во ЕУ, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи од Брисел.
Тој во изјава за МИА вели дека Бугарија одигра важна улога во деблокирањето на ЕУ перспективите за целиот регион и дека очекува Софија да продолжи по тој пат.
„Имајќи предвид дека Бугарија има голем дел од заслугите на враќање на европските перспективи на регионот, посебно преку софискиот самит во 2018 година, од интерес на Бугарија е да успее, и очекувам сите недоразбирања да се надминат во текот на наредниот период“,
изјави шефот на македонската дипломатија.
Тој најави дека се очекува интензивирање на контактите на политичко ниво како и на работата на заедничката комисија, како обврска од договорот за пријателство со Софија.
Османи потсети дека една земја во ЕУ може да го блокира носењето на одлуката за почеток на преговори и затоа вели е важно да се одржи конструктивна комуникација помеѓу двете земји.
„Една земја може да го забави или да го попречи процесот, но ние се надеваме дека нема да дојде до тоа, затоа што имаме инструменти на располагање како да се решат споровите“,
вели Османи за МИА.