Преку даночни олеснувања, субвенции на плати, платежните картички и бескаматните кредитни линии
Најмалку 145 милиони евра досега завршиле кај стопанството со претходните пакети антикризни мерки. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека тие се во вид на даночни олеснувања со финансиски импликации бидејќи наместо на стопанствениците се на товар на буџетот.
Според пресметките на Владата, 79 милиони завршиле кај компаниите како субвенции на плати, потоа 27,6 милиони за платежни картички кои повторно завршија кај стопанствениците, бескаматните линии, односно траншата од Европската инвестициска банка од 50 милиони евра кои беа за стопанствениците – или околу вкупно 150 милиони евра.
Во претходниот сет економски мерки, преку мерката за плати биле поддржани преку 20 илјади компании кои вработуваат 120 илјади вработени. Таа мерка е дел и од четвртиот пакет што ќе го опфати периодот до крајот на годинава.
За барањето на синдикатите поддршката за плати да се исплаќа директно на работниците, а не на работодавачите за да нема злоупотреби како при претходниот пакет мерки, Битиќи повтори дека обврската за исплата на плати е на работодавачот и тој систем мора да се запази бидејќи во спротивно се нарушуваат пазарните правила. А, доколку компаниите не ги исплаќаат, ќе има санкции.
Оние компании што се фатени дека не ги исплаќале парите од субвенциите од претходните пакети, а сега повторно конкурираат тие нема да добијат додека не покажат дека парите завршиле кај работниците.
