Спроведувањето на Гордана Јанкулоска на издржување на затворската казна во „Идризово“ е надвор од законските процедури, смета нејзината адвокатка Сања Алексиќ.
Адвокатката вели дека ексминистерката вчера околу 15 часот ја примила одлуката на Врховниот суд со кој ја потврдува затворската казна од 4 години, а само десетина минути подоцна на врата ѝ се појавиле полицајци да за ѝ кажат дека мора да тргне со нив и да ја однесат на издржување на казната во „Идризово“.

„Тоа е надвор од законските процедури од причина што е оневозможена да побара одлагање на издржувањето на оваа казна по која било друг основа што го предвидува Законот за извршување на санкциите. Истата нема примено упатен акт со кој би била запознаена со терминот кога треба да се јави доброволно и едноставно да се подготви за одењето во затворот во Идризово“,
вели Алексиќ.
Таа вели дека Јанкулоска знаела дека ќе треба да се јави во затворот, но, сепак, и за тоа има процедура. Дали ќе поднесела ново барање за одложување, вели Алексиќ, не знаела, но можеле да ја искористат и таа опција.
Од Основниот кривичен суд, пак, вчера соопштија дека на ексминистерката претходно веќе ѝ е издаден упатен акт кој не се реализираше бидејќи Врховен го одложи извршувањето на казната, па сега со новата одлука на највисокиот суд, стариот упатен акт само се активирал и немало потреба од издавање на нов.
Јанкулоска од вчера попладне почна да ја отслужува казната за случајот „Тенк“, кој се однесува на набавката на блиндираниот „мерцедес“.