Ни претстои период на позитивна клима, многу работа, но и мотив за испорачување резултати од реформите на домашен план, изјави новиот шеф на дипломатијата во Брисел
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ја започна својата прва работна посета на Брисел откако е на оваа функција, со средби во Европскиот парламент, а попладнево ќе се сретне со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.
Османи претпладнево имаше состаноци со европратеници од главните политички партии во Европскиот парламент. Клара Добрев, од Социјалдемократската група, Михаил Галер од Европската народна партија, Ана Фотига од Конзервативната европска партија и Рајнхард Бутикофер од партијата на Зелените.

На состаноците, Османи добил охрабрувачки пораки дека Северна Македонија треба да почне со преговорите за членство во ЕУ до крајот на оваа година, како што планира германското претседателство.
За таа цел, земјите членки на ЕУ треба да ја усвојат преговарачката рамка за Северна Македонија, која во моментов ја блокира Бугарија поради билатерални несогласувања.
Според соопштението испратено од кабинетот на министерот за надворешни работи, останува увереноста дека Северна Македонија ќе ја исполни својата стратегиска цел годинава.
„Очекувам навремено усвојување на преговарачката рамка, притоа запазувајќи ги принципите на новата методологија во преговарачкиот процес. Ни претстои период на позитивна клима, многу работа, но и мотив за испорачување резултати од реформите на домашен план. Мојот фокус е продлабочување на добрососедските односи не само како наша автентична придобивка, туку и како активен придонес во регионалната соработка, како клучна политика за одржување на европската идеја на Балканот“,
вели Бујар Османи, како што пренесува МИА.
Од Европскиот парламент се заложиле да помогнат Северна Македонија да ги започне преговорите до крајот на оваа година. Истакнале и дека земјата треба да продолжи со реформите, а најавиле и продолжување на дијалогот „Жан Моне“ за олеснување на политичкиот дијалог помеѓу партиите во Собранието.
