Министерството за култура се соочува со структурни проблеми, кои се пречка за тоа да биде професионален сервис на културните работници и на граѓаните, вели министерката за култура, Ирена Стефоска во интервју за МИА.
„За мене како министерка, и за мојот тим најважни се професионалноста, одговорноста и ефикасноста. За таа цел деновиве одржуваме интензивни средби со вработените во секторите на Министерството за култура, како и со директорите на националните установи за да ја констатираме фактичката состојба и потоа да пристапиме кон постепена реорганизазација која што очекуваме да ја поттикне мотивираноста на вработените и ефикасноста во извршување на обврските“,
вели Стефоска.
Таа најави дека приоритет во нејзиниот мандат ќе биде заштитата на културното наследство, а рече дека очекува Законот за јавен интерес во културата да влезе најскоро во собраниска процедура.
Стефоска најави дека ќе се променат критериумите за конкурирање на годишната програма за културни активности, а промена ќе има и во моделот за финансирање во културата.
Според неа, Владата ќе ја продолжи и ревизијата на проектот „Скопје 2014“, а досега се изработени елаборати за секој од спомениците и градбите во овој проект.
„Со оглед на комплексноста на темата во програмата на Владата е најавен и меѓународен конкурс за ревитализација на централното градско подрачје“,
вели Стефоска.
