Премиерот Заев „става точка“ на постојаното пролонгирање на пописот, кој последен пат беше одложен минатата година, за да не се поклопи со предвремените парламентарни избори. В година пописот би се одржал околу половина година пред редовните локални избори
Следната 2021 година ќе биде и пописна и изборна, според најавите на премиерот Зоран Заев, кој денеска беше дециден дека ќе нема ново одложување на пописот.
„Пописот ќе се спроведе во 2021 година. И точка. Го одложивме во 2020 за 2021 година, по барање на опозицијата, уште пред да се појави ковид-19. Ние како држава спроведовме покомплексни, покомплицирани теренски активности, како што се изборите. Според тоа, и пописот можеме да го спроведеме во април. Тој се работи според стандардите и раководството на Евростат. Него го спроведуваат институциите. Кај нас тоа е Државниот завод за статистика“,
потенцира премиерот Заев.
Тој нагласи дека во буџетот се предвидени средства за спроведување на статистичката операција. За таа цел, Државниот завод за статистика набавува на 5 500 лаптоп-компјутери.
„Заводот за статистика своите стари компјутери ги подари во образованието. Тие беа употребливи, со целосна функционалност, поради тоа се прави набавка на нови уреди, кои треба да бидат составен дел од спроведувањето на пописот и целокупната дигитализација на податоците, кои им се многу важни на сите институции“,
истакна Заев.
Претходната влада на СДСМ и на ДУИ подготви закон за спроведување на пописот, кој требаше да се реализира во април годинава, откако во 2011 година оваа операција беше прекината поради несогласувања меѓу тогашните коалициски партнери во Владата – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, за што подоцна поранешното СЈО отвори и истрага.
Ако во 2021 година, која е пописна на светско ниво, се остварат најавите за конечно спроведување на пописот, тогаш тоа ќе биде 19 години по последниот попис во земјава – во 2002 година, по конфликтот во земјава.
За пописот што требаше да се спроведе минатата година беше најавена нова методологија.
„Главната новина е што ќе се спроведува со т.н комбиниран метод, нешто што досега не било практика, а било практика во други земји. Овој метод подразбира истовремено попишување на терен со оној класичен метод, интервју лице во лице, но и користење податоци од регистри, односно бази на податоци. Овој метод овозможува многу побрзо и поквалитетно прибирање на податоците“,
најавуваше директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, додека коалициските партнери СДСМ и ДУИ се обидуваа да најдат заеднички јазик за новиот закон за попис, кој на крајот не го помина ниту филтерот во Комисијата за европски прашања, која во претходниот собраниски состав ја предводеше сегашниот прв вицепремиер Артан Груби.
Во меѓувреме, на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски беше постигнат договор за одржување предвремени парламентарни избори, првично на 12 април, односно во термин кога беше планирано да се спроведува и статистичката операција. По таа политичка одлука, одложувањето на пописот (на неодредено време) повторно стана неминовно.
Пред одржувањето на парламентарните избори (во новиот термин – 15 јули), тогашниот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи најави дека по изборите пописот ќе се врати на агендата.
Пописот в година, всушност, би се реализирал во период меѓу два изборни циклуси во земјава – годинешниве предвремени парламентарни избори и редовните локални избори, кои треба да се одржат за околу една година. Проценките се дека ажурираните податоци за населението, становите и домаќинствата во земјава ќе го олеснат и обновувањето на податоците во Избирачкиот список.
Новиот министер за правда најави неодамна дека законот за попис би требало да биде донесен до крајот на годинава, по што ќе може да почнат и подготовките за спроведување на операцијата.