Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не се огласи досега со реакција за настаните што веќе ги осудија премиерот Зоран Заев и министерот за правда Бојан Маричиќ
На многу реакции во јавноста наидоа два настана, кои на различни начини се поврзани со полицијата.
Во првиот случај, станува збор за видео што го објави невладина организација за заштита на правата на Ромите, од кое се гледа како полицајци брутално тепаат човек на улица по сообраќајка во Битола. Во вториот случај, поголема група дрвокрадци нападнале полициска патрола од Општина Чашка, а во инцидентот дел од полицајците се повредени и завршиле во болница.
За случајот со полициската бруталност со група Роми, од МВР вчера кусо соопштија дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи веќе го утврди идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што јавноста ќе биде соодветно информирана.

За нападот врз полицајците, пак, од МВР соопштија еден полицаец е пренесен во Клиничкиот центар во Скопје, дека се идентификувани и други напаѓачи, покрај веќе приведените четворица, а пронајдено е и возилото што го користеле дрвокрадците.
Премиерот Зоран Заев денеска ги осуди полициската бруталност и насилството врз полицајците во Велешко. Тој потенцира дека законот треба да важи за сите подеднакво.
„ Ја осудувам полициската бруталност. Апелирам да се преземаат, согласно законот, најригорозните мерки за такви случаи каде што има полициска бруталност“,
нагласи Заев.
Тој истакна дека, во тој дух, секогаш апелирал и кога имало провокациите на меѓуетничка основа.
„Бруталноста од страна на полициски службеници врз граѓани Роми, што ја видовме вчера во видеото на социјалните мрежи, е за најсилна осуда. Таквото однесување е срамно за полицијата, ја заслужува осудата која пристигна од јавноста. За поздравување е што Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР го утврди идентитетот на учесниците на овој исклучително немил настан и очекувам многу бргу, по утврдените околности, да следува целосна одговорност и соодветна казна на сите инволвирани во случајот“,
напиша претходно Заев на Фејсбук.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не се огласи досега со реакција за двата настана. Тој денеска оствари средба со новиот амбасадор на Делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир, кому му посочил дека активностите на МВР во наредниот период ќе бидат насочени кон јакнење на капацитетите на полициските службеници и на меѓуграничната соработка.
Спасовски, како што соопшти МВР, истакнал дека реформите во безбедносните служби со помош на ЕУ и САД помогнале да се формира модерна служба, која ќе работи за доброто на граѓаните. Амбасадорот Гир ги поздравил направените реформи и ја истакнал важноста и одговорноста што ја има МВР како институција во борбата против организираниот криминал. Нагласил дека е важно јакнењето на натамошната соработка во областите кои претставуваат заеднички приоритети, како што се борбата против организираниот криминал, компјутерскиот криминал и проблемот со миграцијата.

Бруталното однесување на полицијата врз група Роми денеска го осуди и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој рече дека очекува брза и одлучна акција за санкционирање на сторителите.
„Нашата осуда е искрена и силна. Драго ни е што Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР ги идентификува сторителите, согласно видеото, и очекуваме брза и одлучна акција во насока на санкционирање на овој случај. Мислам дека ниту говорот на омраза, ниту насилството кон кој било граѓанин, не може да се оправда. Напротив, треба да се осуди и да се санкционира и сигурен сум дека системски ќе реагираме за тоа да не се повтори. Случајот е во рацете на МВР и понатаму на обвинителството и другите институции“,
изјави Маричиќ.