Фејсбук и Твитер синоќа соопштија дека избришале неколку стотици лажни профили поврзани со руското воено разузнавање, а спонзорирани од Кремљ, кои биле вклучени во претходни обиди за мешање во американската политика, како претседателските избори во 2016 година.
Во блог-објава на Натаниел Глејчер, раководител на безбедносните политики на Фејсбук, се вели дека дел од укинатите профили не биле фокусирани на САД, имале мал број претплатници и не ги таргетирале претседателските избори во 2020 година.
Сепак, овие профили биле поврзани со мешање во изборите на САД во минатото, вклучувајќи ги украдените електронски пораки од серверите на Демократскиот национален комитет и кампањата на Хилари Клинтон пред четири години.
Некои од избришаните профили се мрежи поврзани со Агенцијата за интернет-истражувања, таканаречената „фабрика за тролови“ од Санкт Петербург, која е обвинета за мешетарење во изборите во 2016 година.
Оваа мрежа била фокусирана на создавање фиктивни ликови, кои се претставуваат како новинари или уредници, и го пренасочуваат сообраќајот кон веб-страници креирани од нив, а се прикажуваат како независни медиумски портали или тинк-тенкови, соопштија од Фејсбук.
На почетокот на месецот двете социјални мрежи избришаа повеќе профили поврзани со руската агенција, која поставила веб-страница, која се претставувала како независен медиум, и успеала да вработи „новинари без да знаат дека се врбувани“ да пишуваат статии споделувани од десетици профили создадени со помош на вештачка интелигенција.
Намерата била да се шират лажни статии за расна праведност, за демократската претседателска кампања на Џо Бајден и Камала Харис, и политиките на претседателот Доналд Трамп.
Како и тоа да се одвлечат левоориентираните гласачи од кампањата на Бајден-Харис, на сличен начин како што беа одвлекувани прогресивните и малцинските гласови од Клинтон за време на изборите во 2016 година.