На актуелниот претседател на Косово мандатот му истекува напролет, а Рамуш Харадинај веќе изрази намера да биде негов наследник
Косовскиот претседател Хашим Тачи вели дека во моментот кога специјализираните комори за Косово, односно Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, ќе го потврдат обвинението против него, веднаш ќе поднесе оставка од функцијата, јави МИА од Приштина.
Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Тачи изјави дека, иако медиумите тврдат дека како еден од основачите и водачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) е меѓу осомничените за убиството на над 100 цивили Албанци, Срби и други во текот и непосредно по војната во Косово во 1998-1999 година, тој од обвинителите на судот во Хаг воопшто не бил прашан за ниту едно убиство.
Тој нагласи дека при неговото испитување не била спомната ниту наводната трговија со човечки органи и „жолтата куќа“ во близина на Кукс во Албанија, за што во извештајот од декември 2010 година пишува специјалниот претставник на Советот на Европа за Косово, Дик Марти, а што беше повод за основањето на Трибуналот во Хаг.
„Во ниеден момент не сум прашан за трговија со човечки органи, иако тоа беше основата за формирање на Специјалниот суд. Не сум прашан за никаква жолта куќа, ниту пак за било какво убиство“, изјави Тачи.
Тој нагласи дека нема намера повторно да се кандидира за претседател на Косово откако во мај идната година ќе му истече актуелниот петгодишен мандат.
Тачи не ја коментира најавата на поранешниот премиер, лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, дека ќе се кандидира за претседател на државата и рече дека за него е прифатлив секој што ќе биде изгласан од собранието.