Ако нешто научивме во овие 30 турбулентни балкански години, е дека емоциите не се добар сојузник во решавањето на билатералните прашања. Ние покажавме дека можеме да бидеме пријатели со сите наши соседи.
Ова го рече денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска како одговор на изјавата на нејзиниот бугарски колега. Красимир Каракачанов, кој рече дека не е време за меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија.
„Пред да влезам на прес-конференцијата, кратко ја видов неговата изјава и сметам дека ваквите изјави не се во духот на Договорот за добрососедство и не помагаат“,
вели Шекеринска.
Таа очекува помош од сојузниците на државава, вклучително и од пријателска Бугарија.
„Покажавме и дека сме подготвени да инвестираме во таков сојузнички однос и ќе продолжиме да градиме и понатаму таква политика. Очекуваме нашите сојузници и нашите пријатели да му помогнат на регионот, а не да му одмагаат. Единствен начин да му помогнеме на овој регион е да му дадеме шанса да има подобра и европска иднина“,
рече Шекеринска.
Сега, вели Шекеринска, е моментот кога се гледа колку навистина сакаме да градиме добрососедски односи. Ние, додаде, нашиот тест го поминавме.
