Петмина ракометари, како и еден член на управата на ракометниот клуб Охрид, се позитивни на ковид-19. Како што информира клубот, тие се во добра здравствена состојба со лесна клиничка слика и се во изолација.
Од клубот Охрид истакнаа дека ќе се придржуваат до сите протоколи и решенија за изолација и понатамошните насоки од Ракометната федерација на Македонија, со апел истото тоа да го прават и останатите спортски колективи со цел спречување на натамошното ширење на заразата.
Во групата А, каде што се натпреварува Охрид, коронавирус е потврден и во други клубови, затоа засега се одложени сите натпревари.
Синоќа Работнички пријави 15 случаи на коронавирус, а претходно КЛ7 информираше за 16, ковид-19 има и во РК Струга и РК Радовиш. Се очекува да се прекине и натпреварувањето во групата Б по вчерашната информација за позитивни случаи во РК Работнички.
Во меѓувреме, на барање на норвешкиот клуб, одложен е и натпреварот што денеска требаше да се игра меѓу Вардар и Елверум во рамките на второто коло од Лигата на шампионите.
Ваквата одлука на клубовите е донесена по консултација со ЕХФ поради строгите протоколи во Норвешка. Така, доколку Елверум гостува во Скопје, по враќањето во својата земја, би морал да мине двонеделен карантин.