Пратеничката и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски, денеска треба да даде исказ за истрагата за работата на невладината организација „Меѓународен сојуз“, во која таа е осомничена за помагање на делото измама.
Вчера на распит кај обвинителката Вилма Русковска за случајов кој во јавноста е познат и како „Рекет 2“, беше заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ.
Ременски, исто така, вчера беше во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за да прави увид во доказите по што рече дека видела сè, освен докази.
„Јас го остварувам моето право согласно законот. Не би коментирала за доказите бидејќи тоа е надлежност на институциите. На сите прашања ќе одговорам кога ќе дадам исказ пред обвинителство“, изјави пратеничката.
Таа додаде дека немало нејзин потпис на ниту еден документ доставен како доказ во обвинителството. Ременски вршеше увид и минатата недела.
Во случајот осомничени се вкупно пет лица. Првоосомничен е претседателот на Сојузот, Бојан Јовановски – Боки 13 и тој е под истрага за две дела – за перење пари и други приноси од казниво дело и за измама.
Осомничени се и неговиот татко, Миле Јовановски, и асистентката Христина Блажевка, кои заедно со Мандиќ се под истрага за помагање на делата перење пари и за измама. Како правно лице се сомничи и Меѓународниот сојуз.
Обвинителката Вилма Русковска, викендов најави дека оваа недела ќе биде распитот на осомничените, а обвинение за случајот изјави дека се надева оти ќе поднесе на почетокот на јануари.