Од американската компанија тврдат дека забраната за размена на податоци со САД ќе значи удар врз економијата, кој најмногу ќе го почувствуваат европските компании
Фејсбук предупреди дека може да се повлече од Европа доколку ирскиот комесар за заштита на податоци ја спроведе идејата за забрана на размена на податоци со САД.
Ирскиот комесар најави можност за донесување таква одлука откако Европскиот суд на правдата во јули пресуди дека нема доволно заштита од пристап на американските разузнавачки агенции до податоците на Фејсбук.

Главниот соработник на Фејсбук во судското досие во Даблин напиша дека спроведувањето на забраната ќе ја направи компанијата нефункционална, пренесува британски „Гардијан“.
„Во случај Фејсбук да биде предмет на целосна суспензија на преносот на кориснички податоци кон САД, не е јасно како може да продолжи да обезбедува услуги на Инстаграм во ЕУ во овие околности“,
изјави портпаролот на Фејсбук, Ивон Канан.
Таа истакна дека Фејсбук не се заканува со повлекување од Европа, туку едноставно изразува мислења засновани на реалната состојба.
Правните документи доставени до Високиот суд во Ирска покажуваат само јасна реалност дека Фејсбук и многу други компании, организации и даватели на услуги се потпираат на трансфер на податоци меѓу ЕУ и САД, посочи Канан.
Правна битка што трае една деценија
Овој судски процес е само уште еден дел од правната битка што трае речиси една деценија. Во 2011 година, Макс Шремс, австриски адвокат, започна со поднесување жалби до ирскиот комесар за заштита на податоци, кој го регулира Фејсбук во ЕУ, за нарушување на приватноста од политиката на социјалната мрежа.

Овие поплаки добија интензитет две години подоцна, кога „Гардијан“ ја откри програмата „Призма“ на НСА, огромна операција за надзор, која вклучува директен пристап до системите на Гугл, Фејсбук, Епл и други американски интернет – компании. Шремс поднесе дополнителна жалба за нарушување на приватноста, која на крајот беше упатена до Европскиот суд на правдата.
Тој суд во 2015 година утврди дека, поради постоењето на „Призма“, одредбата за „безбеден трансфер на податоци“, која им дозволуваше на американските компании да ги пренесуваат податоците на граѓаните на ЕУ, е неважечка.
ЕУ тогаш се обиде да направи втор правен договор за пренос на податоци, т.н. штит за приватноста, но и тој беше поништен во јули оваа година, со тоа што судот повторно донесе одлука дека САД не го ограничуваат надзорот над граѓаните на ЕУ.
Што тоа значи во пракса?
Во септември ирскиот комесар за заштита на податоците издаде прелиминарна наредба со која ја принудува социјалната мрежа да го прекине преносот на податоци во странство.
Теоретски, не е разбирливо што ќе значи тоа во реалниот живот. Затоа Ник Клег, раководител на глобални работи и комуникации на компанијата, на блог-објава објасни дека токму можноста за „меѓународен трансфер на податоци ја поддржуваат глобалната економија и поддржуваат многу услуги што се основни за нашето секојдневие“.
„Во најлошо сценарио, на пример, ова може да значи дека мала технолошка компанија во Германија веќе нема да може да користи е-облак за складирање и чување податоци со седиште во САД. Шпанска компанија за развој на производи, на пример, повеќе нема да може да да спроведува операција низ повеќе временски зони. Француска компанија нема да може има центар за по повици во Мароко“,
објасни тој.