Десетина сведочења на новинари, кои биле цел на прислушувањето, досега се слушнаа во Основниот кривичен суд во Скопје на рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“.
Дали нивните телефонски броеви биле следени во периодот од 2008 до 2015 година, како дознале за тоа и дали имаат отштетно побарување, се прашањата на кои одговараа најголемиот дел од нив.
Главниот и одговорен уредник на згаснатиот дневен весник „Вест“, Горан Михајловски, беше еден од новинарите кои зборуваа во судницата, а во дел од своето сведочење кажа дека и пред СДСМ да почне со објавување на „бомбите“ имал сомнежи дека го следат.
„Мојата секојдневна работа беше поврзана со водење на генералната уредувачка политика на весникот, одржување колегиуми, контакти со дописниците, со менаџментот… Имав сомнежи дека ме следат на некој начин, бидејќи во периодот на изборите во 2013 година се случувало за работи кои сум ги комуницирал телефонски, другиот ден да добијам повик од менаџментот и да ме предупреди за нешто што сум зборувал по телефон, да не се објавува или ако се објави да се спушти малку топката. Информациите дека ми бил прислушуван телефонот ги добив на прес-конференција на СДСМ во 2015 година, кога ми беше дадена папка со мои разговори. Потоа, тоа ми го потврди и СЈО на прес-конференција, кога заедно со уште неколку колеги ме посочија како еден од новинарите“,
рече Михајловски.
Тој рече дека прислушувањето предизвикало и чувство на несигурност, пред сè кај изворите на информации, кои новинарите треба да ги заштитат. И ден денес, рече Михајловски, изворите се плашат да зборуваат на телефон и бараат средба насамо.

Сведочеше и новинарката Сашка Цветковска, која во периодот на прислушувањето беше новинарка во А1 ТВ, краток период во дневниот весник „Фокус“, а потоа и во порталот „Нова ТВ“. Паралелно, Цветковска рече дека била дел од Меѓународна истражувачка мрежа на новинари, за каде како дел од работниот ангажман го истражувала имотот на функционерите, меѓу кои и на Сашо Мијалков.
Тогаш, рече таа, трпеле навреди, меѓу кои ги нарекувале и предавници, од страна на институцијата каде што работел Сашо Мијалков (МВР, УБК), како и од ВМРО-ДПМНЕ, во чиј Извршен комитет тој бил член.
Новинарката Јадранка Костова, која во периодот на прислушување била уредничка во весникот „Фокус“, рече дека тогаш со основачот на весникот Никола Младенов главно комуницирала телефонски и му се жалела за тужби што ѝ пристигале за навреда и клевета.
„Имаше 10-ина тужби во периодот од 2011 до 2013 година. Мојот сомнеж, кога дознав за прислушувањето, е дека некој знаел дека сето тоа крајно ме иритира и барав од Никола Младенов да постави друг главен уредник. Мојот сомнеж е дека преку прислушувањето се мултиплицираа тужбите, со цел вршење на класичен мобинг“,
рече Костова.
На денешното рочиште досега сведочеа и новинарите Сашо Орданоски, Борјан Јовановски, Саше Димовски, Младен Чадиковски, Билјана Секуловска…
Ордановски рече дека бил и физички следен, а во мај 2015 година во неговата куќа во Бардовци му било дигнато во воздух и возилото.
Сите рекоа дека дознале дека нивните телефонски броеви биле следени кога на прес-конференција на СДСМ во 2015 година добиле папки со транскрипти на нивни разговори.
Сведоците одговараат на прашањата на обвинителката Ленче Ристоска, која е една од обвинителите кои уште од времето на СЈО го водеа овој случај.
Тие останаа надлежни и по преземањето на предметите од СЈО од страна на редовните обвинителства. Судскиот процес го води судијката Џенета Бегтовиќ, а втор судија е Владимир Туфегџиќ.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1 541 број или вкупно 5 827 телефонски броја. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и неколку вработени во поранешната УБК.