Шари Брајан, потпретседателка на Националниот демократски институт во интервју за „360 Степени“ зборува за илјадниците амандмани поднесени во Собранието за законски измени за промена на изборниот модел.

Г-ѓо Брајан, со години НДИ во Македонија ја зајакнува независноста на Собранието и пронаоѓањето на неговата улога во системот на „проверки и кочници“, но сега сме сведоци на случаи во кои главната опозициска партија и една од партиите од владејачката коалиција се обидуваат да блокираат усвојување на неколку закони преку поднесување стотици, па дури и илјадници амандмани. Како гледате на целата ситуација?
Ви благодарам што сум дел од вашата емисија. Да, НДИ со години функционира овде во Македонија, или да кажам С. Македонија и беше привилегија да се соработува со парламентот. Мислам дека во текот на годините видовме низа позитивни промени и оптимисти сме за улогата на парламентот во оваа земја. Да, во изминатите денови од многумина слушнав дека се загрижени за тоа што одредени законски проекти во собранието се турнати со поднесување илјадници мандмани. Сметам дека… прашањето не е во бројот на амандмани, иако ме изненадува големиот број, туку дали се амандмани на законот за кој било парламент да ги разгледува, туку прашањето е во квалитетот на тие амандмани и на дебатата. Затоа, не би делела оценки за тоа дали станува збор за соодветен процес, туку би го гледала квалитетот на дебатата и нејзиниот исход.
Иако имаше и има примери на закони усвоени со меѓупартиско мнозинство, па дури и со консензус, во Македонија сведочиме дека Парламентот повеќе e место каде партиите меѓусебно се конфронтираат, а не да соработуваат во позитивен дух. Како земјата може да напредува во делот на подобар политички живот и посилна политичка култура?
Па, сметам дека за тоа е потребно време и развој, но исто така, тоа треба граѓаните да го охрабрат. Во многу земји во светот гледаме силна фрустрација од многу законодавни тела за кои, од слични причини, граѓаните не чувствуваат дека нешто постигнале или дека дебатите не се конструктивни. Граѓаните ги изнесуваат своите мислења или преку излегување на улиците и протестирање, или преку избори и негласање за одредени партии. Мислам дека има реформи кои можат да се остварат во парламентот со политичка волја и лидерство, ни мислам дека е важен гласот на народот и на некое ниво ќе има одредена фрустрација при што граѓаните на С. Македонија, или на која било друга земја, нема да прифатат вакво однесување.
Впечатокот на јавноста е дека Парламентот продолжува да биде машинерија која само ги поддржува иницијативите на владата. Кој е ставот на НДИ, има ли напредок во оваа област?
Мислам дека ова е вообичаен изблив на фрустрација во многу места и се обидувам тоа да го ставам во една перспектива на регионот и на светот. Ова не е невобичаена фрустрација и да, секако, се надевате дека тоа би се променило со текот на времето. Тоа е политика и членовите на парламентот ги претставуваат политичките партии, дел од власта, дел од опозицијата. Не би сакала директно да ги коментирам политиките на Македонија и само би кажала дека ова е процес кој е тежок во изборни демократии, без разлика дали е претседателски или парламентарен систем. Повторно, се надевате дека со текот на времето, со политичка волја и лидерство, со гласот на граѓаните и со увид во подобрување на парламентарната независност, ќе видите подобрување во оваа област.
Националниот демократски институт со години соработува со политичките партии во С. Македонија, но според експертите, внатрепартиската демократија се уште останува еден од главните проблеми и дури ги користат термините „султан и цар“ партии. Дали е ова одраз на млада или на слаба демократија?
Би рекла дека тоа е одраз на млада демократија. Ја слушнав таа фраза за време на мојот престој овде, на други места поинаку се изразува. Мислам дека во изминатиот период видовме одредени промени и подобрувања и очекувам тие да продолжат. Но, ако се вратиме чекор назад и погледнеме од историска перспектива од каде С. Македонија дојде и каде оди… Ова е многу важно. Ова се проблеми што постојат и во Западна Европа, Северна Америка и во многу места во светот. Не сугерирам дека е здраво за демократијата, туку дека е дилема на нашето време.
Дали го следите процесот на импичмент на Претседателот на САД и што мислите за тоа?
Да, секако дека секојдневно го следам. Тоа е многу загрижувачка ситуација за сите Американци, но фактот дека Уставот гарантира заштита е најважното нешто во овој процес без оглед на тоа дали ќе има или не импичмент за Претседателот. Тоа е одлука која е над моето знаење, но фактот дека имаме уставна гаранција за „проверка и кочници“ врз извршната власт, за мене, е еден од најсилните елементи на американската демократија. Мислам дека е процес што загрижува, дека ова е еден тежок период во САД, но дека оние што веруваат во демократијата и во нејзините суштински вредности го ценат фактот што го имаме овој процес.