Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на социјалните мрежи излезе со статус за поддршка и одбрана на ексминистерката Гордана Јанкулоска откако Врховниот суд соопшти дека ја потврдил пресудата на Апелацискиот суд-Скопје за случајот „Тенк“, со која таа е осудена на четири години затвор.
Мицкоски вели дека за набавката на блиндираниот „мерцедес“ таа била осудена без докази, а целта не е Јанкулоска, туку партијата ВМРО-ДПМНЕ, чиј поранешен генерален секретар е ексминистерката.
„Мафијата на власт потроши над 8 милиони евра за службени возила, а за набавка на едно службено возило, кое го користи власта на Заев, Гордана Јанкулоска ќе оди во затвор. Ја судеа без докази затоа што не одбра да биде слуга во скутот на Заев. Ова не е никаква правда, туку начин да се оттргне вниманието од вистинските скандали, криминали и неуспеси на мафијата на власт. Јанкулоска беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и тука таргетот не е Јанкулоска, туку ВМРО-ДПМНЕ“,
вели Мицкоски.
Тој во објавата го споменува и Љупчо Палевски, па наведува дека ваквата судска одлука доаѓа ден по „раскрвавената глава на Палевски“.
„И не заборавајте, Горде е мајка на еден мал ангел, но и ова ќе помине, а срамот на Заев и мафијата за ваквата тортура ќе остане. Мафијата не треба да се плаши од одмазда, туку од правда, а таа ќе дојде“,
порачува Мицкоски.
Тој во објавата не го споменува неговиот поранешен шеф во партијата и претходник на лидерската позиција, Никола Груевски, за кого Врховниот суд, исто така, ја потврди затворската казна.
Груевски е осуден на две години затвор, но пред да почне со издржување на казната тој избега во Будимпешта.
Врховниот суд ја потврди и четиригодишната затворска казна и за третиот осуден во случајот „Тенк“, поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски.
*Поврзани вести:
Врховен ја потврди пресудата за „Тенк“: Јанкулоска ќе оди во затвор
Случај „Тенк“: Јанкулоска има барем уште еден месец на слобода
