Првиот вицепремиер појаснува дека целта е да се охрабрат компаниите да вработуваат и припадници на други заедници, но наведе дека не е познато како би се реализирал еден ваков проект
Засега нема одлука за конкретни мерки за правична застапеност на припадниците на помалите етнички заедници во приватниот сектор, но ќе се разгледува која е најдобрата опција, најавува првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, чија вчерашна изјава за можноста за субвенции на компаниите предизвика реакции во јавноста.
Во денешното појаснување на неговата најава, Груби вели дека ДУИ ја претставувала идејата во текот на кампањата, а во владината програма што ја усвои Собранието пишува дека Владата ќе ги повика и охрабри бизнис-секторот, домашните и странските компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранцијата, застапеноста и меѓусебната доверба и во нивните работни средини за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја.
Тој појаснува дека идејата била да се охрабрат компаниите да вработуваат и припадници на други заедници, но наведе дека не е познато како би се реализирала.
„Сè уште не сме размислувале за мерките. Вчера, за време на дебатата, беа разгледувани различни идеи на кој начин би можело да се помогне правичната застапеност на сите заедници и во приватните компании, посебно во тие каде што државата има удел – дали по критериумите на распределба на работата, дали преку субвенционирање… Сепак, останува да се види која е најдобра можна опција за да имаме и правично и адекватно застапување на сите заедници и во приватниот сектор“,
рече Груби.
Првиот вицепремиер смета дека тоа би било од полза и за странските компании да имаат вработени припадници на другите етнички заедници и од практична гледна основа претежно за јазикот и за комуникација со граѓаните.
Етничкиот клуч, смета тој, е многу важен затоа што така налагал и Охридскиот рамковен договор и уставното начело за правична застапеност на сите заедници во земјава.
„Тоа не значи дека тоа ќе биде со помал квалитет во однос на луѓето што ќе ги добијат работните места. Секако, ќе треба да ги исполнува сите критериуми за да ги извршува работните задачи, која било личност што ќе аплицира за тоа работно место, не е дискриминациски, туку напротив е правична застапеност на сите заедници според уставното начело што го имаме, не треба да се гледа на тоа како унапредување само на Албанците или само на Македонците, туку важи за Срби, Роми, Власи, Бошњаци, Турци и за сите други заедници, секако, ако ги исполнуваат условите за работното место за кое тие би аплицирале“,
вели Груби.
Денеска и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја коментираа синоќешната изјава за некаков вид на субвенции и порачаа дека тоа е неприфатливо за нив.
„Субвенционирање на приватни компании за вработување по етнички клуч е апсолутно неприфатливо. Компаниите не треба да се делат по тоа кого вработуваат. Наместо политика на апартхејд, нека почнат да водат европски политики. Нека ги тргнат главите од тендери и пари, и нека гледаат да сработат барем нешто за граѓаните на Македонија“,
изјави портпаролот на партијата, Наум Стоилковски.