Додека сите се радуваат и честитаат, во ВМРО-ДПМНЕ не само што молчат, туку и се противат на нашето членство во НАТО, рече потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска на граѓанската трибина во Скопје „На прав пат“.
Во обраќањето пред присутните членови и симпатизери на владејачката партија во салата „Борис Трајковски“ Шекеринска говореше за успехот на НАТО интеграциите беше крунисан на самитот во Лондон со тоа што С.Македонија иако формално се уште не е членка на Алијансата, доби свое место на масата сите лидери на земјите членки. Тука упати критики и ја нарече лицемерна политиката на опозицијата.
„ВМРО-ДПМНЕ лицемерно предлагаат предвремена ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО, а велат дека нема да го гласаат Законот за одбрана кој е клучен за пристапувањето во НАТО поради уставното име на државата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ земаат плата од Република Северна Македонија и тогаш тоа не им пречи. Не им пречи ниту кога во ЕПП пред партијата стои уставното име на државата. Ама им пречи кога треба целата држава да оди напред, да стане дел од НАТО, им пречи тогаш кога ја обезбедуваме иднината, границите и стабилноста преку членство на Алијансата, рече Шекеринска.
Понатаму таа ја обвини опозицијата дека „игра и мисли по тактот на Груевски…зборува за чесност…повикува на скромност, а чевлите им газат во дебелите персиски килими во белата палата“.
Таа во обраќањето говореше за патот до успесите кои како што рече ги достигнала ласта предводена од СДСМ, истакнувајќи дека вредело да се истрпат сите денови по улиците и плоштадите, малтретирањето, лагите и пропагандата на телевизиите платени од државни пари и крвта на 27 април, за да се може да се испише заедничка историја.
„Скопје повторно се отвори. Не е веќе мрачен вилает на поранешниот режим кој бркаше студенти низ библиотеки за да ги апси, во кој не доаѓаше ниту еден висок странски политичар, бидејќи власта беше скарана со цел свет. Нашиот град, за само две години го посетија генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, Туск, Ангела Меркел, Тереза Меј, десетици премиери, министри за надворешни работи на најмоќните и најпросперитетните. Скопје не е веќе град на стравот. Не е веќе град експеримент на мала група луѓе. Денес Скопје е слободно, рече Шекеринска.