Договорот за името и особено референдумот ги предизвикуваат политичарите секој ден да бидат се’ погласни на темата – македонски јазик.
„Јазикот е нашиот идентитет, јазикот е нашата татковина, зборуваше Блаже Конески.“ – вели премиерот Зоран Заев.
„Македонскиот идентитет и јазикот се стекнато право.“ – вели претседателот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицковски.
„Да го заштитиме, да го потврдиме, да го засилиме нашиот македонски јазик.“ – вели вицепремиерката Радмила Шеќеринска.
„Еден човек што си го загубил својот личен јазик, личи на еден човек што си го загубил патот и не знаит кај ојт.“ – цитира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
Еден поглед на местата каде што треба да се штити, да се развива и да се афирмира јазикот покажува дека фразата „празни зборови“ за ништо друго не била поточна.
„Лекторатите сега се во очајна состојба.“ – вели професор Људмил Спасов, претседател на Совет за македонски јазик.
„Јас како лектор требаше да си ја платам и работната виза за да одам во Франција, самостојно, со примања што ги немав.“ – раскажува поранешниот лектор во Париз, Борче Арсов.
„Ние тивко умираме. Јас во шега кажувам – можеби сме затворени, но не знаеме.“ – рече Снежана Велковска, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крте Мирирков“.
————
Соопштение од Владата, соопштение од ВМРО-ДПМНЕ, уплатница, натписи на државни институции. Ова се материјалите што ги однесовме на лекторирање на Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ за да ја тестираме грижата за јазикот во практика во период кога политичките елити од власта и од опозицијата се докажуваат кој повеќе го „штити“ јазикот.
Професорката Елизабета Бандиловска е лектор и предава повеќе предмети од областа на македонскиот јазик.
По лекторирањето, документите наликуваа на тест по граматика на слаб ученик.
„Државата треба да поведе сметка за вработување на лектори во сите институции, почнувајќи од себеси, од своите министерства, значи се што влегува во рамките на државата како институција, за потоа тоа право да им го наложи на сите други приватни институции, телевизии, весници, каде што секој текст што стигнува до јавноста мора да биде лекториран од добар лектор.“ – рече Бандиловска.
Тоа е и обврска од Законот за употребата на македонскиот јазик.
„Службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови…, што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик.“ – стои во Законот.
Според тоа, нелекториран текст не смее јавно да се објави, предвидени се казни и до 1 500 евра, а надзорот треба да го врши Министерството за култура. Но, во практиката ништо од ова не функционира.
Поранешниот телевизиски новинар и водител Александар Деловски смета дека медиумите имаат посебна обврска во негувањето на јазичната норма.
„Во време кога ги имаме алатките кај себе, а тоа се образованието, пишувањето на законите, пропишувањето на различни надлежности, прописи, комисии, совети итн., ние во тоа време имаме полоша јазична практика. Треба да се погледне каде сме правеле добро и тие добри работи да се доразвиваат и треба креативно да се пријде, да се создаваат нови политики, не толку во казнена смисла, и тие имаат своја функција, но нови политики кои што ќе ја донесат свесноста за потребата од промовирање на вредностите на јазикот и преку медиумите.“ – смета Деловски.
Но, недостатоци има не само во сферата на надзор. Професорката Снежана Велковска вели дека државата не финансира проекти на Институтот за македонски јазик, како што е на пример неопходното второ издание на Толковниот речник.
„Сите национални институти, од 2009 година ми се чини, веќе и заборавив кога беше, не ги финансираат нашите проекти. Зошто, треба да прашате на друго место.“ – изјави Велковска.
Институтот кој лани го примил првиот доктор на науки откако кадарот не бил обновен две децении, некогаш имал отворен конкурс. Сите студенти со интерес и висок просек добивале шанса. А, можеби токму немањето перспектива за вработување е една од причините поради кои годинава на Катедрата по македонски јазик на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ се запишаа само шестмина студенти.
„Според некои податоци, кои не ми се точно проверени, има над илјада дипломирани професори по македонски јазик кои се невработени. Значи не треба да биде акцентот само на професорите, туку треба да биде и на студирањето на други насоки. Меѓутоа, секој тргнува од тоа каде ќе се вработам јас, што ќе работам. Во таа смисла државата треба да се погрижи пред се’ за вработувањата.“ – вели професорката Станислава Тофоска-Јанеска која е шеф на Катедрата по македонски јазик на УКИМ.
И додека заштитата и унапредувањето на македонскиот јазик во земјава „дише на апарати“, полека се исклучуваат „виталните функции“ на афирмацијата на јазикот во странство. 34-годишниот Борче Арсов три години работел како лектор во лекторатот во Париз. Државата му плаќала двесте евра месечно, колку што добиваат сите негови колеги испратени во други земји. Среќна околност за Арсов е тоа што плата на лекторите им дава и земјата домаќин, но несреќна е тоа што за студио од 20 квадрати плаќал 700 евра месечно.
„Јас ја имав таа среќа или несреќа Универзитетот да не биде обврзан да обезбеди живеалиште за лекторот којшто доаѓа таму, така што, јас бев оставен сам на себе да си барам стан каде што и самата кирија, односно цените за да се изнајми нешто, можам да кажам дека се астрономски од оваа наша македонска перспектива.“ – вели Арсов.
Во трите години од државата не добил ниту една пратка со книги, иако имал 20-тина студенти. Па, морал да се снаоѓа сам.
„Таму само е пресликана целата ситуација и она што јас сакам да го наречам системска негрижа за македонскиот јазик внатре во Република Македонија и таа само се пресликува и надвор.“ – додава Арсов.
Освен во Франција, Македонија има лекторати во уште девет земји. Тие се во надлежност на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, кој пак е под капата на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Поради негрижа, дел од лекторатите се празни. Така е во Брно, Чешка, за каде што бил избран лектор, но решено е тој да остане дома додека не се подобрат условите.
„Со средствата што ги добива од овде и со средствата што би ги добивал оттаму, беше апсолутно невозможно да се испрати човек и да опстане во тие услови.“ – рече Славица Велева – директорка на Семинарот за македонски јазик, литература и култура.
Лекторите во странство, таа ги нарекува авантуристи.
„За жал, во новиот Закон за високо образование, донесен пред извесно време, не се најде место за овој тип универзитетски наставници соработници. Мислам дека во тек е изработка на нов Закон за заштита на македонскиот јазик и, најискрено, се надевам дека лекторите ќе ја најдат својата позиција тука и ќе бидат застапени соодветно. Во овој момент тие се водат како државни службеници, нешто што апсолутно нема никаква подлога, затоа што, сепак, тие се внесени во универзитетска дејност.“ – додава Велева.
Добра оцена за заштитата и промоцијата на македонскиот јазик не слушнавме ниту од владиното тело што треба да биде „совеста“ на државата за јазикот – Советот за македонски јазик. Претседателот, професор Људмил Спасов, признава дека е голема разликата меѓу зборовите и практиката.
„Затоа што се прекинати националните проекти, да го споменам речникот на македонски јазик, да го споменам и правописот итн. За да се разигра еден таков проект потребно е подолго време, потребен е конкурс, составување екипа, потребно е изготвување на елаборат и да се добијат пари.“ – изјави Спасов.
Советот нема свој буџет и за да финансира проекти мора да аплицира за пари од државните институции и други фондови.
„За жал многу акции кои што Советот ги предложи се едноставно игнорирани. Зошто? Најчесто ми се чини поради финансиски средства, но повторно нагласувам се работи за многу мали финансиски средства во однос на некои други инвестиции, но и од една небрежност, од една инерција.“ – додава Спасов.
Пред речиси една година, во екот на дебатата за законот за албанскиот јазик, Владата усвои мерки за унапредување и за негување и на македонскиот. Тоа вклучуваше отворање нови лекторати, финансирње нова граматика, речник и правопис, како и стипендии и нови програми на катедрите за македонски јазик. Но, бидејќи од релевантните институции сведочат дека ништо од ова не е направено, професорот Спасов се надева дека ако тргне преговарачкиот процес со Европската Унија, ќе може да се реафирмираат и големите национални проекти. Зашто преговорите со ЕУ значат и превод на милиони и милиони страници европски документи на македонски што, пак, бара стабилен јазик и точно изграден систем.
Напишете коментар