ДУИ ќе има пет заменици министри и пет државни секретари, директорските фотелји не се поделени
Систематизација на вработените лица согласно Рамковниот договор, на работни места во државните институции и забрзана имплементација на Законот за јазиците, најави заменик премиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби на прес-конференција во Владата.
„Како прв заменик на претседателот на Владата обврска ми е да се грижам за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и за добра и ефикасна кохезија на општеството. Во соработка со министерот за администрација, во најкус можен рок ќе направиме распоредување на вработените согласно Рамковниот договор, во државните институции. Ќе ги признаеме факултетските дипломи на сите административци и ќе ги мотивираме да се надградат себе си и својата иднина да ја гледаат во нашата земја. Ќе мониторираме реформи за потполна рамноправност и неселективна правда преку ветинг. Не може една правда за едниот, една за другиот. На правдата нарачана на телефон и е дојден крајот“,
рече Груби.
Тој најави дека ќе се интензивира динамиката на спроведувањето на Законот за употреба на јазиците, преку Агенцијата за спроведување на Законот за јазиците и Инспекторатот.
Како прв вицепремиер рече дека главна мисија ќе му биде рамноправноста и одржување на пријателските односи со ЕУ и САД.
„Сите што ме познаваат знаат дека јас не знам да престанам да работам и не ми дозволува совеста да ги разочарам граѓаните. Ќе работам за тие што гласаа, уште повеќе за тие што гласаа против, а најмногу за тие што не гласаа. Мојата мисија е рамноправноста, рамноправност во правата, но и во одговорностите“,
рече Груби.
На новинарско прашање, Груби рече дека со коалицискиот партнер е договорена поделба на заменици-министри и државни секретари, но не откри имиња.
Околу директорските фотелја вели дека станува збор за замена на позициите меѓу СДСМ и ДУИ, со цел како што рече, да има „освежување“ на некои сектори. Очекува до идната недела, целосно да биде формиран владиниот кабинет.
„Со СДСМ договорени сме за поделбата на позициите на заменици-министрите и државните секретари како и основна поделба на некои од директорските места, што всушност е размена на директорските позиции како на пример, на Пошта со МЕПСО или пак, Фондот за пензиско со ЈПДП. Целта за да бидеме попродуктивни и да дадат подобри резултати. Значи нема нови поделби на директорски места, се е во доменот на шпекулација во моментов. Се надевам дека до утре, задутре ќе ги заокружиме имињата на замениците министри и државните секретари. ДУИ ќе има заменици во МВР, во Министерствата за одбрана, транспорт, здравство и правда. Ќе има и 5 државни секретари, државниот секретар во Министерството за политички систем, за култура, и другите три верувам дека ќе се назначат за време на следната недела и со тоа ќе се формира целиот владен кабинет и ќе може да функционираме потполно, иако и денеска функционираме одлично“,
рече Груби.