Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во интервју за „360 степени“ одговараше на прашање за големите очекувања на граѓаните за правда и што е тоа што прво ќе можат да го видат на планот на промени во судството.
„Во многу брз рок очекувам да започне интензивно оној процес на прочистување или зајакнување на одговорноста на судството“,
рече Маричиќ.
Тој најави дека во првите 100 дена од мандатот ќе биде утврден модел за ефикасно и објективно прочистување на судството.
„Токму на тоа работиме во моментот. Затоа е важно сите да земат учество во овој процес – и Врховниот суд и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како директно одговорни за спроведување на овој процес, Државната комисија за спречување на корупцијата, Здружението на судии, Здружението на обвинители и сите останати комори коишто можат да придонесат во општиот впечаток. Најважно ќе биде утврдување на имотната состојба и потеклото на имотот на секој обвинител преку ДКСК и анализа на случаите – 5% по случаен избор, но и на случаите кои застариле, по која основа застариле, дали можеби има намерно непостапување на судиите или на обвинителите и тоа ќе биде првиот филтер. Мислам дека главната цел ни е да течат случаите брзо, ефикасно, со определена динамика која ќе си ја определат судиите, но да нема тактизирање, како што немаше со брзината на случајот „Рекет“, на случајот со Владимир Панчевски, така да нема тактизирање со ниту еден друг случај и работите да се расчистуваат брзо и ефикасно, секако согласно законот“,
рече Маричиќ.
Тој вели дека основната идеја е ова да се направи без промена на законите, но дека треба да се почека да завршат консултациите и да се види исходот.
„Главната цел е да се расчисти со оние делови од правосудството кадешто нешто е видливо погрешно, кадешто има видливи случаи на заташкување или на евентуална корупција, тоа да го препознаеме и со тоа да расчистиме“,
рече Маричиќ.