Како што се приближува денот на претседателските избори, 3 ноември, има сѐ повеќе информации за обиди за хакерски напади врз кампањата на двајцата кандидати, а се предупредува дека повторно се активни руските хакери кои се поврзуваат со изборите пред 4 години
Поединци и групи вклучени во претстојните претседателски избори во САД се мета на хакери поврзани со Русија, Кина и Иран, соопшти компанијата „Мајкрософт“, при што се укажува дека повторно се активни руските хакери кои ја нападнаа кампањата на демократите во 2016 година.
Цел на сабјер-нападите се кампањите на обајцата претседателски кандидати, и на Доналд Трамп и на Џо Бајден.

Од „Мајкрософт“ посочуваат дека руски хакери од групацијата „Стронтиум“ таргетирале околу 200 организации, од кои многу се поврзани со и со Републиканската и со Демократската партија, пренесува Би-би-си додавајќи дека компанијата посебно укажува дека се работи за истите сајбер-напаѓачи кои биле детектирани и на британските избори, без притоа да прецизира кои се тие.
„Слично на она што го регистриравме во 2016 година, ‘Стронтиум’ почнува активности за пробивање на шифрите за најавување или обиди за преземање на профилите на поединци, најверојатно за да обезбеди доверливи информации или да ги компромитира нивните активности“,
изјави Том Барт, потпретседател на „Мајкрософт“, кој е одговорен за безбедност на клиентите.
Групацијата „Стронтиум“, уште позната како „Фенси беар“, според експертите е единица за сајбер-напади поврзана со руско воено разузнавање, ГРУ.
Кинезите насочени кон Бајден, Иранците кон Трамп
Од „Мајкрософт“, исто така, соопштија дека регистрирале активности и на кинески хакери кои почнале со напади насочени кон лица поврзани со кампањата на Бајден, додека ирански хакери се насочени кон лица ангажирани во кампањата на Трамп.
„Она што го регистриравме е исто како и претходните шеми на напади кои, не само што ги таргетираат кандидатите и ангажираните во кампањата туку и оние кои се консултанти за клучни прашања“,
тврдат од „Мајкрософт“, од каде што советуваат сите оние што се во овој политички процес барем да ги искористат бесплатните или евтини безбедносни апликации за да се обезбеди заштита од нападите кои „Мајкрософт“ очекува да се засилат како што се приближува 3 ноември – денот на изборите во САД.
Според компанијата, повеќето од сајбер-нападите не биле успешни, а исто така нападите не се извршени врз оние што директно се ангажирани за системите за гласање.
„Мајкрософт“ потврди дека кинески хакерски групи започнале напади врз електронските адреси на лица поврзани со кампањата Бајден и врз, како што се опишува, „една истакната личност претходно дел од администрацијата на Трамп“.

Компанијата пресретнала напади на кинеската хакерска група наречена „Циркониум“, чија цел биле лица ангажирани за меѓународни работи, академски институции и организации за креирање политики.
Иранските хакери, познати како „Фосфорус“, пак, во мај и јуни неуспешно се обиделе да ги пробијат електронските адреси на официјалните лица на Белата куќа и на изборниот штаб на Трамп.
„Гугл“ уште во јуни соопшти дека открил слични обиди за сајбер-напади од Кина и Иран.

Од кампањите и на Трамп и на Бајден изјавиле дека не се изненадени од ваквите активности, бидејќи знаат дека се голема мета, и тврдат дека се подготвени за вакви напади.
„Свиркачот“ што бил замолчен и деградиран
Изјавата од „Мајкрософт“ доаѓа еден ден откако „свиркач“ од американскиот Оддел за домашна безбедност објави дека бил под притисок да ја минимизира заканата од руско мешање во претстојните избори во САД бидејќи тоа „го нарушува имиџот на претседателот“.

Брајан Марфи во својата жалба, која ја обелодени Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом предводен од демократите, тврди дека бил деградиран од претходниот и од актуелниот прв човек на Одделот, Чад Волф, и од заменикот, затоа што одбил да ги промени извештаите за ова и за други прашања, како што е расизмот.
Тој тврди дека ваквите наредби се незаконски, додека од Белата куќа и од Одделот за домашна безбедност ги отфрлаат обвинувањата. Комитетот бара тој да сведочи пред Конгресот кон крајот на овој месец.
Иако американските разузнавачки агенции заклучија дека Русија се мешала во изборите во 2016 година, претседателот Доналд Трамп ги отфрли обвинувањата дека неговата изборна победа била под влијание на Русија, а истрагата што ја водеше поранешниот директор на ФБИ, Роберт Мулер, не пронајде докази за заговорот помеѓу тимот од претседателска кампања на Трамп во 2016 година и Москва.