Во возило со штипски регистарски таблички, кумановската полиција пронашла 21 мигрант, од кои 10 биле малолетни. Како што информираат од полицијата, возачот на возилото е приведен.
Околу 1 часот во кумановското село Матејче, полициски службеници од Полициското одделение Матејче дале знак да застане патничко моторно возило „рено еспејс“ со штипски регистарски ознаки, но тоа продолжило да се движи кон селото Отла.
„По кратко време, на ул. ’11 Ноември’ во Куманово, од полициски службеници од СВР Куманово возилото било сопрено, при што било констатирано дека е управувано од Д.Ј. (70) од Штип. Во возилото се превезувале 21 мигрант, и тоа од Сирија, Авганистан, Пакистан и Бангладеш, од кои 10 малолетни лица“,
информира МВР.
Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Куманово. Д.Ј. бил приведен во полициска станица за понатамошна постапка, а мигрантите биле сместени во Транзитниот центар „Табановце“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
