Критики и сомнежи кај дел од битолчани предизвикаа резултатите од јавниот оглас за субвенции на велосипеди.
Покрај забелешките за тајмингот на објавувањето на повикот за аплицирање за финансиска поддршка, дел од граѓаните критикуваат кој и како добил општински пари.
На листата со 186 избрани апликанти, „паѓа во очи“ тоа што во повеќе случаи, граѓани со исто презиме и адреса на живеење добиле субвенции за велосипед. Дел од битолчани својот револт го адресираа на официјалната Фејсбук страница на Општина Битола, веднаш под објавените резултати.

„Црно на бело“ на јавнот оглас нема никакви ограничувања и може да аплицира секој доколку е жител на Битола и има купено велосипед од денот на објавување на јавниот оглас. Добитниците се бираат по принципот „прв дојден – прв услужен“, што значи дека доколку во редот чекаат цели фамилии, секој член од семејство може да добие пари.
„360 Степени“ побара став од општината, дали смета дека делењето субвенции за велосипеди на овој начин е фер распределба на општинските пари.
Од таму не ни одговорија конкретно. За одговор не упатија кај претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски, кој објаснува дека сите добитници на субвенции имале соодветна документација. Сепак, од етички аспект и тој смета дека можеби можело поинаку.

„Комисијата за финансии и комисијата за заштита на животната средина го разгледуваше и го одобри огласот. Во огласот освен критериумот фискална сметка после моментот на објавување на огласот, местото на живеење и принципот „прв дојден, прв услужен“ нема други критериуми. Дали е во ред во едно семејство повеќе велосипеди, според мене, морално и етички – не, ама никаде нема ограничувања дека некој не смее да се пријави на конкурсот. Јас само можам да тврдам дека сите добитници ги исполниле условите наведени во конкурсот. Ние огласот го разгледавме на комисиите, после тоа се објави јавно. Во првиот ден имавме осум апликации. Наредниот ден имаше над 250 апликации. За аплицирање се доаѓа на шалтер, а фискалните сметки според времето треба да се после објавувањето на нашиот повик. Значи ако се објавил во 14 часот, фискалната треба да е извадена подоцна. Тие документи се проверени и секој може да ги види“,
вели Груевски за „360 Степени“.
На прашањето дали во иднина би можело да се постават некои ограничувања за бројот на членови од едно домаќинство кои можат да аплицираат на еден оглас, Груевски е скептичен дека може да се најде ефикасен механизам за контрола.
„Мене ако ме прашувате сметам дека можеби е добро по еден член од домаќинство да аплицира, но може да се случи на една адреса да живеат повеќе фамилии кои се посебно одделени, во куќите имаме такви примери. Како да ги издвоиме нив?“,
вели Груевски.
Јавен оглас од денес за денес
Освен листата со добитниците на субвенции, критики има и за начинот на објавување на огласот за аплицирање. Општината објави јавен повик на 28 јули, кој почна да важи од истиот ден се до 11 август.
На ова негодуваа и граѓани, но и дел од општинските советници, изразувајќи сомнеж дека одредени луѓе можеби добиле дојава за огласот, за да можат да бидат спремни во неколку часа да купат велосипед, да подготват плик со документи и истиот ден да застанат во ред на општинскиот шалтер.



Реакција имаше и од советникот Николче Јанкуловски од ПОДЕМ, кој на говорницата на седница на Советот побара да се организира и втор јавен повик за субвенции.

„Јас немам видено оглас којшто важи од истиот момент. Еве од сега може да аплицирате. Дали е тоа е транспарентноста за која се боревте? Дали битолчани не заслужија ден-два за преку медиумите да разберат дека има оглас и да аплицираат? Што се случи? Се свика комисијата, во 15 часот истиот ден се објавува на веб-страна јавен оглас. И за половина час има 60 апликации. Па кога бе колеги тие луѓе разбраа дека има оглас? Веќе до наредниот ден се исполна квотата и добар дел извисија. Од тие причини барам да има втор јавен повик за надоместување на дел од трошоците за велосипеди. Повикот да биде објавен најрано три дена од донесување на одлуката“,
порача Јанкуловски.
На сличен став се и од независната советничка група „Поинаку“. Габриела Илиевска за „360 степени“ вели дека жали што една ваква мерка „заврши неславно“. Таа се сомнева и дека некој „замешал прсти“ во изборот на апликантите.

„Повикот беше објавен истиот ден кога е донесена комисиската Одлука за објавување на повикот, па логички – граѓаните немаа време да бидат информирани. Да биде уште посимтоматично – во еден ден во Општина Битола биле поднесени повеќе од 200 барања. Според нашите информации – на дел од апликантите им било наложено да се откажат од барањето за субвенција. Зошто? Причините не ги знаеме. И најважно од се- Битола нема велосипедски патеки, има страшен сообраќаен хаос и не е безбедно да си велосипедист на улиците на Битола. Ама, како и обично во Битола се се почнува од крајот наместо од почетокот“,
вели Илиевска.
Нејзините обвинувања ги демантира првиот човек на општинскиот совет, според кој, нема ништо спорно и во критиките на дел од граѓаните дека меѓу добитниците имало и партиски функционери и „луѓе на функција“.
„Листата има 186 добитници и е јавно достапна објавена. Од нив, кој е и што е не знам, но не можеме да му забраниме на никој да аплицира за субвенции. Сите што се на листа се со регуларни документи и тоа може да се провери“,
вели Груевски.
Ова беше прв јавен повик годинава за доделување субвенции од Општина Битола за кој беа издвоени 1 милион денари. Претседателот на Советот на Општина Битола најавува дека наскоро, најверојатно ќе биде распишан и втор оглас.