Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ во најновиот квартален „Макроекономски монитор“ оценува дека затворањето на економијата и ограниченото движење поради ширењето на коронавирусот ја предизвикале најдлабоката индуцирана рецесија во македонската економија, при што бруто-домашниот производ во вториот квартал е намален на минус 12,7 проценти.
На производната страна, како што се посочува, падот е најголем кај индустријата (-25,3 проценти) и трговијата, транспортот и угостителството (-23,4 проценти) поради ограничената меѓународна трговија и отежнатото движење, додека трговијата и угостителството страдале од наметнатото затворање и воздржаност од потрошувачка на неесенцијални добра и услуги.
На расходната страна, пад има кај извозот, увозот, инвестициите и потрошувачката, но тој е поголем кај извозот (-25,6 проценти), увозот (-31,3 проценти) и инвестициите (-29,6 проценти), додека кај потрошувачката е поблаг (-12,7 проценти).
Намалувањето на БДП, како што посочува „Фајнанс тинк“, целосно се совпаѓа со нивната проекција од 11 април. Остануваат на проекцијата дека падот на БДП годинава ќе биде -3,8, а во третиот квартал -4,7 проценти.
„Но, двете проекции се под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето и потенцијалното влошување на кризата предизвикана од ковид-19. Особено овие проекции се изградени врз претпоставките дека економијата нема повторно да се затвори при евентуален нов удар од ковид-19 есента 2020, како и дека економските текови ќе продолжат со разумно темпо на нормализација до почетокот на 2021“,
се вели во извештајот „Фајнанс тинк“.
Во однос на невработеноста во вториот квартал, од „Фајнанс тинк“ велат дека таа е зголемена на 16,7 проценти од претходните 16,2 проценти, но оти сепак растот е помал главно поради мерката за субвенционирање на плати која вклучуваше одредба за задржување на бројот на работници за време на користењето на мерката и два месеца по нејзиниот престанок.
Помеѓу двата квартала, најмногу работни места, односно 12 000 или 24,2 проценти, се изгубени во дејноста транспорт и складирање.