Претходната влада имаше проблем да ги пополни испразнетите амбасадорски места поради пречките што ги правеше опозицијата преку собраниската Комисија за надворешна политика
Владата уште од денеска ќе го разгледа концептот за пополнување на амбасадорските места што долг период се празни, најави новиот министер за надворешни работи Бујар Османи.
Тој рече дека во ова ќе се водат од фокусот на надворешните политики, односно во случајов од европската агенда и отворањето на преговорите.
„Тоа е засилување на нашите мисии и амбасади во Брисел и во земјите членки. Но, сепак, во зависност од буџетските околности и последиците од пандемијата, Владата уште од денеска ќе го согледа целиот концепт“,
изјави Османи одговарајќи на новинарско прашање кога се очекува да се комплетира дипломатската мрежа на земјава.
Досегашниот министер за надворешни работи, сега вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров, на заедничката прес-конференција со Османи на примопредавањето на функциите, го посочи главниот проблем со празните амбасадорски места – пречките што ги поставуваше опозицијата преку Комисијата за надворешни работи, пракса која според Димитров најверојатно треба да се смени за да се избегне, како што рече, дневното политикантство.
Тој истакна дека има многу малку места кои се надвор од политичкиот договор во претходната влада, дека многу од кандидатите се покриени, главно преку кариерни дипломати од МНР и еден извесен број, многу помал број политички назначени кандидати.
„Главниот проблем за застојот беа деветте одложувања на Комисијата за надворешна политика во Собранието. И тоа на некој начин ни дава за право да го преразгледаме тој процес. Ние воспоставивме една убава демократска пракса, секој кандидат за амбасадор да излезе пред Комисијата, пред пратениците, да ги претстави тезите и јавноста да го запознае. Но, Собранието и Комисијата формално-правно согласно Уставот не се дел од именувањето на еден амбасадор. И мислам по едно, две одлагања, ако Комисијата ја крши ова демократска пракса, веројатно треба да размислиме дали можеби овие луѓе требаше да бидат испратени. И за во иднина ако има ваков тип на проблеми. Бидејќи, одговорноста на оставање на празни амбасадорски места во за нас важни главни градови е преголема за да се сведе на дневно политикантство. А за тоа се работеше“,
рече Димитров.
Во изминатиот состав на Собранието, со Комисијата претседаваше Антонијо Милошоски, кој во повеќе наврати или не ги закажуваше или ги одложуваше седниците на кои требаше да реферираат кандидатите за амбасадори. Најдрастичен беше примерот со шестемина амбасадори кои, иако има агремани, не можеа да заминат на служба затоа што само во февруари годинава седницата на Комисијата беше презакажувана цела недела.
Поврзана вест:
Кандидатите за амбасадори чекаат укази, но и бришење на „забраната“ за двојно државјанство