Се работи за дваесетгодишна гостиварка која според првичните информации, некоја минута пред полноќ паднала во реката
Безживотно тело на млада девојка е пронајдено утрово во близина на селото Старо Чајле, по три часовната потрага. Најверојатно се работи за девојката која синоќа пред полноќ беше пријавена дека била понесена од водите на Вардар.
Според првичните информации на портпаролот СВР Тетово, Марјан Јосифоски, телото го забележале локални жители на песочен остров во близина на детско игралиште утрово околу 3 часот. Набрзо потоа случајот го пријавиле во полиција.
Медицинска екипа, која дојде на местото на настанот, констатира дека девојката не дава знаци на живот.
Се работи за дваесетгодишна гостиварка која според првичните информации, некоја минута пред полноќ паднала во Вардар во близина на малиот метален мост кај градскиот пазар.

Очевидци кои пријавиле во полиција потврдиле дека и еден гостиварец се обидел да ја извлече, но не успеал во намерата и бил повлечен во водите на реката. Се претпоставува дека станува збор за 45- годишен гостиварец, по кој сè уште се трага.
Полициски службеници и екипи за пребарување од утрово продолжија со пребарување по течението на Вардар во обид да се најде телото на мажот.
Телото на девојката, по наредба на јавен обвинител е предадено на обдукција.