Македонското министерство за правда се уште не ги добило пресудите со кои грчкиот врховен суд одби екстрадиција во Македонија за Горан Грујевски и Никола Бошковски. А од нив зависи што понатаму.
„ Oд таму ќе ги извлечеме моментите врз основа на кои ќе можеме да го поднесеме новото барање бидејќи законска пречка нема.“ – изјави заменикот министер за правда Оливер Ристовски пред три недели.
Додека правда го чека дописот од грчкото министерство за правда, адвокатот на бараните лица ги доби пресудите пред десетина дена.
„Бидејќи се работи за грчки јазик нема да можам да кажам со сигурност за што се работи, но она што е евидентно е дека е одбиено барањето за екстрадиција. “ – изјави адвокатот Петар Василев за ТВ 24 на 22.06.2018.
Пресудите повеќе од една недела се достапни и на цела јавност, на интернет-страницата на грчкиот Врховен суд. 360 Степени обезбеди превод од официјален судски преведувач за да провериме – што точно пишува во нив.
—–
Зошто Горан Грујевски и Никола Бошковски на 18 мај излегоа од зградата на Врховниот суд во Атина како слободи граѓани а во Македонија ги бараат за да им се суди за повеќе кривични дела? Медиумите и експертите месец и половина толкуваа кои аргументи би можеле да бидат пресудни за таквата одлука на највисокиот суд на Грција. Основа за коментарите беа изјавите на одбраната за рочиштата во Атина, дека тамошните судии се повикале на принципот дека еднаш дадено помилување не може да се повлече, меѓу другото и поради случајот Лекса против Словачка. Тоа е пресуда на судот во Стразбур во полза на поранешниот шеф на тајната словачка полиција, кој добил помилување за подоцна тоа да биде повлечено.
И, еве ги пресудите, во анонимизирана форма. Едната е за Никола Бошковски, другата за Горан Грујевски. Освен за кого се однесуваат се разликуваат и во описот за тоа кои кривични дела им се ставаат на товар во Македонија. Но, идентични се во делот во кој се објаснува – зошто Атина не треба да ги екстрадира на Скопје.
Во пресудите на ниту едно место не се споменува пресудата Лекса против Словачка. Директно, не се споменува или цитира ниту европската конвенција за човекови права во контекст на помилувањето или амнестијата. Напротив, главните аргументи на кои грчкиот врховен суд ја заснова одлуката против екстрадиција се помилувањето од претседателот Ѓорѓе Иванов и македонските закони. Судиите во Атина го зеле предвид и повлекувањето на помилувањата, но пресудиле дека тоа не можело да се примени на веќе помилуваните во тој момент.
„Одлуката … на претседателот на државата … со донесениот важечки акт на 12 април 2016 г. „за ослободување од гонење“… е еднаква на целосно прекинување на кривичното гонење … , затоа што за време на нејзиното носење не постои законска можност за нејзино повлекување или поништување, ниту во вид на изразување на воздржаност со последица да се отпочне ново кривично гонење … или да се продолжи претходната постапка …“ – се вели во дел од образложението и на двете пресуди.
За ваквата одлука, грчките судии нашле поткрепа и во македонскиот Устав. Дека при носење на нов закон или измени на закон, регулативата не смее да има важност во минатото туку само во сегашноста и иднината.
„ … во согласност со одредбите на Уставот на ПЈР Македонија, законите и другите прописи не можат да имаат ретроактивно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните … “
Толкувањето на одлуката на грчкиот суд би била дека според македонските закони и Устав, повлекување на помилување е можно. Но, само за лица кои биле помилувани откако беа донесени законските измени во мај 2016-та година – со кои парламентот воведе законска можност за повлекување на помилување. За лицата кои беа помилувани во април 2016, според судиите во Атина, повлекувањето на помилувањето не е можно.
Адвокатот Петар Василев, кој ги брани Бошковски, Грујевски и уште неколку други обвинети во предметите на СЈО, во пресудата гледа шанса и за своите клиенти, но како што вели и за судскиот систем. Тој и досега ги користел помилувањата како аргумент во различни фази и во различни пресуди, но без успех.
„Оваа пресуда ни дава можност и на нас, на одбраната, и на оние кои ја водат постапката, уште еднаш еднаш да размислат како ќе постапат со нашите предлози, а се со цел да се испочитува Уставот и законот за кривична постапка.“
А можности за размислување, според најавите од Василев, секако ќе има – прво пред домашните, а потоа веројатно и до судот во Стразбур.
„ На вашето прашање дали и натаму ќе настојуваме на овој предлог, одговорот е – да. Со оглед дека во секоја инстанца од постапката ние сме должни како професионалци и како бранители да ги истакнуваме сите предлози кои одат во корист, ова е еден голем да речам аргумент на страна на обвинетите и ова не може да помине без одлука и сметам дека што порано судот ќе се одважи да одговори на ова прашање, ќе биде подобро.“
За разлика од Василев, кој одбраната ја темели на легалноста и последиците од помилувањето на Иванов, експертската јавност во земјава акцентот го ставаше не на толкувањето дека, во суштина, помилувањето на Иванов е ништовно.
Илустративно, толкувањето е дека правото на претседателот на Македонија да помилува без никаква процедура извира од членот 11 од Законот за помилување од 1993 година. Кога повикувајќи се на тој член Црвенковски го помилува Заев, во 2009 година власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ направи измени и дополнувања на Законот за помилување при што член 11 е избришан а со тоа и правото на претседателот да помилува без претходна процедура. Во 2016-тата Уставниот суд ги укина измените и дополнувањата од 2009-тата. Но, со оглед на фактот дека укинувачката одлука не создава право туку констатира што е неправо, толкувањето е дека укинувањето на измените во 2009-тата не значат дека на сила е вратен членот 11 а со тоа и правото на претседателот да помилува без процедура. Па сепак, Иванов помилуваше токму според тој член 11.
„ Заради тоа сметам дека судечките судии во постапките кои се пред нив и предметите кои ги споменавте во однос на лицата кои беа предмет на овие одлуки за помилување, судиите треба во овие постапки директно да се повикаат член 84 од Уставот и да кажат дека овие одлуки се во спротивност и со Уставот и со Законот бидејќи се базираат на непостоечка законска основа, односно на непостоечкиот член 11 од Законот за помилување од 1993 година.“ – анализираше за 360 Степени Денис Прешова, асистентот по уставно право на правниот факултет „Јустинијан Први“.
Како ќе поминат предлозите на одбраната да се прекине со кривичниот прогон на помилуваните од Иванов зависи од судиите и судечките совети во конкретните предмети. Претседателот на скопска единица веќе изјави дека не смее и нема да им се меша на судиите. Но, рече и дека основниот суд нема надлежност да гради генерален став за ова прашање, па индиректно ги повика повисоките судови на таков чекор.
Пресудите можете да го прочитате во целост преведени на македонски јазик на следниот линк.
Напишете коментар