За разлика од првите месеци по појавата на болеста, сега е помал процентот на заболени во земјава за кои јавноста е известена дека починале како последица од вирусот
Пред точно шест месеци, на 26 февруари 2020 година, здравствените власти во Македонија соопштија дека е потврден првиот пациент заболен од ковид-19. Стануваше збор за лице кое во земјата пристигнало од Италија.
Речиси еден месец подоцна, на 22 март, беше потврден и првиот смртен случај од ковид-19. Починатата е 57-годишна пациентка од Куманово.
Од крајот на февруари, кога беше регистиран првиот случај во земјава, потврдени се 13 914 заболени. Од нив, животот го загубија 578 лица.
„Вториот“ го засени „првиот“ бран
Како што покажува графиконот подолу, кој е изработен користејќи ги официјалните податоци на Министерството за здравство, од денешна перспектива, стартот на ковид-19 епидемијата во земјава не беше драматичен. Голема улога во таквиот развој на настаните одигра тоа што две недели по првиот случај на ковид-19 земјата се „затвори“. На 11 март беа затворени училиштата, градинките, факултетите, а брзо потоа и редица други институции и објекти. Од март почнаа и полициските часови, што дополнително го намали движењето на населението.

Но, откако државата реши системот на надворешна присилба за почитување на мерките да го замени со лична одговорност на секој поединец во општеството, бројката на новозаразени почна вртоглаво да расте.
Не беа до крај применети мерките при прославата на христијанските празници.
„Покуси“ не останаа ниту од ИВЗ, каде повиците на дел од оџите да се внимава за рамазанските пости и при одбележувањето на Бајрам, останаа во сенка на контроверзните ставови на тогашниот поглавар.
„Резултатите“ стигнаа набрзо и најдобро можат да се видат на графиконот подолу, каде се прикажани бројот на новозаболени од ковид-19 во секој од шесте месеци по првиот регистиран случај (не календарски, туку од појавата на болеста).

Во месецот I (од 26 февруари до 26 март) биле регистрирани 201 случај на ковид-19. Во месецот II, односно од 26 март до 26 април кога и почнаа строгите мерки, имало 1 185 нови болни. Во месецот III, кој го опфаќа периодот непосредно по олабавувањето на строгите мерки, од 26 април до 26 мај, имало двојно помалку болни од претходниот период што веројатно се должи на затворените објекти и институции во минатиот месец.
Во месецот IV (26 мај – 26 јуни) состојбата „експлодира“ како последица на непочитување на мерките. Како најголема причина здравствените власти ги посочија семејните вечери за рамазанските пости, но и организираниот транспорт на дел од фабриките, особено текстилните конфекции. Тогаш состојбата излезе од т.н. кластери и вирусот почна да се шири неконтролирано до највисоки 4 328 заболени во месецот V (26 јуни – 26 јули). Последниот месец бројот на новозаразени покажува благо подобрување, но состојбата е далеку од задоволителна.
Докторите научија како подобро да лечат од ковид-19?
Зголемениот број новозаразени логично повлече и зголемен број починати од ковид-19. Како што покажува графиконот подолу, бројот на жртви растеше со еднакво темпо како и бројот на заразени.
Но, како што покажува „кривата“, во последниот месец растот на смртните случаи покажува „успорување“.

Дека не станува збор само за оптичка „илузија“ може да се потврди со групирање на податоците според тоа колку од заболените ја изгубиле битката со вирусот.
Како што покажува следниот графикон, процентот на смртност од ковид-19 достигнал највисоки 6% на крајот на мај. Со други зборови, во тој период умирале 60 пациенти на секои 1 000 заболени.
Кога драматично се зголеми бројот на новозаболени на почетокот на јуни, логично и нагло падна процентот на починати, бидејќи во „равенката“ влегоа многу нови случаи кои допрва ќе развиваат потешки симптоми на болеста. Како одминуваа неделите, процентот на починати повторно почна да се зголемува до близу 5% на почетокот на јули, но никогаш не ја надмина таа граница. Напротив, од тогаш се намалува процентот на починати и тој во моментов изнесува 4,2%.
Со други зборови, денес во Македонија умираат 42 на секои 1 000 заболени од ковид-19, споредено со 60 на секои 1 000 во првите месеци од кризата.

За ваквото подоборување можни се две логични објаснувања. Едното е дека докторите постепено развиваат вештини за подобар третман на пациентите болни од новиот вирус. Второто објаснување е дека има промена во методологијата за регистрација на смртните случаи, нешто што го најави и министерот Венко Филипче на средината на јули. Накусо, до тој момент, секој починат, макар и во сообраќајна незгода, беше регистиран како починат од ковид-19 ако имал позитивен тест. Намерата на здравствените власти беше да се прави разлика меѓу починат од ковид-19 и починат со ковид-19.
„Ние имавме пристап со кој правевме постмортем брисови со индикација, со цел да се заштитат семејствата на починатите. Точно е дека има основна причина за смрт и фактот дали пациентот е носител на вирусот или не. Поради тоа што има пациенти што ќе починат поради друга состојба, на пример, на Клиниката за гастроентерохепатологија поради крварење и тоа е основната причина за смртта. Но, во исто време, истиот пациент е позитивен на ковид-19. Во нашата евиденција сега се евидентира како ковид, меѓутоа имавме состанок со директорот на Институтот за судска медицина за да ја ревидираме оваа методологија“,
изјави министерот за здравство Венко Филипче на средината на јуни 2020 година.
Сепак, како што покажува и графиконот погоре, процентот на починати од заболени почна да се намалува уште пред да се најават промените во методологијата. Така што, позитивниот тренд, речиси извесно се должи и на поефикасен третман на болеста во здравствениот систем.
„Добри“ бројки пред есента
Според последните податоци на Министерството за здравство, до овој момент во земјата се направени 142 158 теста за ковид-19. Во првите месеци дневно се правеа по неколку стотици тестови додека во последниот период таа бројка често се движи околу 2 000.
И додека е логично при поголем број тестови да има и поголем број новозаразени, еден индикатор кој е релевантен е бројот на позитивни од тестирани.
Како што покажува графиконот подолу, во последните неколку недели процентот на позитивни од тестирани редовно е под 10%. Денеска тој процент е 5,8%. Оваа статистика говори за големо подобрување споредено со јуни и јули кога во одредени денови имаше и 20% позитивни од тестирани, а просекот беше меѓу 10% до 15% позитивни.

Состојбата, сепак, не е таква како на крајот на април и почетокот на мај, кога редовно имаше денови со помалку од 5% позитивни. А претстојните постудени месеци, кои вообичаено им „помагаат“ на вирусите, допрва доаѓаат.