Обвинителството продолжува да биде алатка за притисок на власта кон неистомислениците, реагира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, откако скопското обвинителство поднесе обвинение за предметот „Моќник“, каде меѓу обвинетите се и тој и неговиот татко.
„Секој опонент на политиката на кланот Заеви кој ги разоткрива аферите на нивното крими-владеење, без разлика дали е новинар, политичар или стопанственик, се соочува со ризикот да биде неосновано обвинет, со цел да биде заплашен, а политичките прогони служат како параван зад кои ќе се кријат актуелните рекети, афери и организиран криминал на власта. Но, сè ќе има свој крај, вклучително и политичката злоупотребата на обвинители и судии од страна на власта на Заев“,
реагира Милошоски на социјалните мрежи.

Тој е обвинет за измама и злоупотреба на службената положба и овластувања, а неговиот татко и поранешниот градоначалник на Македонски Брод за измама. Против нив е поднесен обвинителен акт, а во предметот опфатени се и претседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев и 9 нејзини членови.
Случајот, како што објавија од ОЈО – Скопје, се однесува на продажба на државен имот со измама, како и нарачување на лустрација на судија.