Британскиот премиер Борис Џонсон ги повика граѓаните да не стравуваат и од септември да ги испратат своите деца во училиште, посочувајќи дека тоа ќе биде клучен чекор во закрепнувањето на земјата од ковид-кризата.
„Ризикот децата да се заразат со ковид-19 на училиште е многу мал и многу е штетно за нивниот развој и здравје да не одат на училиште“,
рече Џонсон.
Затоа, додаде тој, клучно е децата да се вратат во училниците за да учат и да бидат со другарите.
„Ништо нема да има поголем ефект врз животните шанси на нашите деца отколку да се вратат на училиште“,
рече британскиот премиер.
Изјавата на Џонсон доаѓа откако голем број родители и просветни работници изразија сомнежи и страв за најавеното отворање на училиштата, посочувајќи дека мерките за социјална дистанца би биле тешко спроведливи.