Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ) го поздрави уништувањето на инсулинот за кој претходно Министерството за здравство соопшти дека е набавен од паралелен увоз и е со сомнителни квалитет и потекло.
„СЗДМ, ја поздравува одлуката на Владата и на Министерството за здравство, за уништување на заостанатите количини на инсулини кои се чувале во Бирото за стоковни резерви, а биле набавувани со Законот за паралелен увоз. Ваквите одлуки треба да продолжат сè до уништување на последното инсулинско пенкало кое е со сомнителен квалитет од времето на паралелниот увоз. Благодарност до Министерството за здравство за тоа што конечно лицата со дијабетес 123.850 во нашата држава, можат да бидат сигурни во квалитетот на инсулините кои се набавуваат со гаранција за квалитет на истите“, соопштија од Сојузот.
Уништувањето на инсулинот во текот на денот беше тема на прозивки и обвинувања помеѓу власта и опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека пред два дена здравствените власти уништиле инсулил вреден 1,5 милиони евра кој има валиден рок на употреба до средината на 2020 година. Од опозицијата изразија сомнеж целта на власта е да се создаде вештачка криза која потоа ќе се менаџира со брз увоз од страна на фирма блиска до власта.
Од Министерството за здравство, пак, одговорија дека е уништен сомнителен инсулин кој е набавен со паралелен увоз во време на ВМРО-ДПМНЕ и дека неговата вредност всушност е 330 илјади евра.