Кога влегов во притвор, понудив гаранција од 14 милиони евра. Откако беше одбиена, ми стана јасно за што станува збор. Во првите 30 дена од притворот се правеше жестока тортура и врз моите компании. Кај мене не можеше да влезе ниту нотар да потпишам за плати на вработените во болницата, за набавка на лекови итн.
Вака бизнисменот Орце Камчев во судница почна да раскажува за периодот кога влезе во притвор како осомничен за случајот „Империја“, кој, според него, е конструиран од Бојан Јовановски, а извршен од обвинителката Лиле Стефанова по наредба на Катица Јанева.
„Ме притворија во петок во неделата попладне и ѝ се јавија на сопругата Ана дека треба да се види со Васил Димишков. Таа рече дека ја однеле со автомобил во стан во Капиштец на 3 или 4 кат, во стан кој бил за специјални клиенти“, рече Камчев посочувајќи дека таму на неговата сопруга ѝ било кажано дека ако сака да му помогне, ќе мора да плати 2, 4 или 6 милиони евра.

Потоа и Зоран Милески-Кичеец, кој призна вина, ѝ се јавил на Камчева за да се види со Боки 13.
„Тие имаа неколку средби. На првата, во канцеларијата на Бојан, имало и едно момче кое работело на компјутер. Момчето ја напуштило канцеларијата и Бојан ѝ рекол на Ана дека тоа е Лазар Јанев, синот на Катица“, сведочеше Камчев.
Потоа тој зборуваше за уште една средба во населбата Орман, на која присуствувале неговата сопруга, Бојан Јовановски, Зоран Милески-Кичеец, но и Катица Јанева.
„Јанева ѝ упати директна закана на Ана дека ако тоа со Бојан не се заврши, ќе се отворат уште 3-4 предмети против мене. Откако излегува, по неа доаѓа вториот клиент, Дејан Панделески. И со него иста приказна“, рече Камчев.
Бизнисменот рече дека сфатил што е работата и на сопругата ѝ рекол да обезбедат пари од фирмите. Првиот половина милион, како што рече Камчев, го обезбедиле со тоа што 350.000 евра биле од фирмите, а 150.000 евра наводно дал Кичеец, кому потоа Камчев требало да му ги врати.
„Откако по две недели излегов од притвор во куќниот притвор, после божиќните празници, јас бев свесен што правам. Ако не го направев тоа, денеска сите ние ќе бевме во заблуда дека некој сака да ја врати правдата“, рече Камчев.
Потоа почнал со снимање, а за снимките рече дека жали што излегле и такви во кои се споменува вицепремиерката.
„Во една пригода ја злоупотреби потпретседателката на Владата, покажувајќи како ги сликал Катица Јанева и неа. Јас сум добар другар со нејзиниот сопруг и знам дека таа нема врска“, зборуваше Камчев.

На средбите со Камчев, сведочеше тој, Боки му кажал дека се договорил со Катица Јанева и дека се бараат 8 милиони евра доколку предметот „Империја“ остане кај неа, а 5 милиони ако го преземе редовното обвинителство, односно Вилма Русковска. Парите биле за да ги тргнат сите спорни работи за него од предметот.
Камчев: Заев беше запрепастен
Камчев во денешното сведочење зборуваше и за средбата со премиерот Зоран Заев, кој и го пријави случајот.
„Човекот беше запрепастен. Имавме и втора средба да му покажам што имам. Ми рече остави ми два дена, сега сум запрепастен. Ми се јави по два дена и ми рече сè што знам и сè што имам да пријавам кај Русковска“, рече Камчев.
Сето ова Камчев му го кажал и на директорот на УБК, Горан Николовски, кого рече дека лично го познава.
„Се видов со него лично кога излегов од притвор. Горан ми даде совет да ги сочувам сите хард-дискови во оригинал за да можат да бидат доказ понатаму. Ми рече: ‘Единствен човек во кој треба да имаш верба и кој може да го истера е обвинителката Вилма Русковска’“, кажа Камчев посочувајќи дека многу политичари биле злоупотребени од Боки и ги спомна имињата на Дејан Панделески, Томе Главчев, газдата на „Тинекс“ и други, за кои рече дека плаќале рекет.
Јанева до Камчев: Заврши ја работата со Боки

Камчев зборуваше и за средба со Јанева во просториите на СЈО каде што бил спроведен од притвор. Таму бил со неговите адвокати, а од обвинителките биле Лиле Стефанова и Катица Јанева. Му кажале дека гаранцијата ќе му биде одбиена, затоа што не може да се стави имот кој е под хипотека. Кога Стефанова излегла од просторијата со еден од адвокатите на Камчев, Јанева директно во очи му рекла да ја заврши работата што ја договарал со Боки.
Во претходниот дел од сведочењето Камчев зборуваше за настаните што му претходеле на отворањето на предметот „Империја“, за кој рече дека бил конструиран за да биде рекетиран.
Камчев и неговата сопруга Ана, која денеска не се појави во судница поради болест, се први од листата сведоци што ги предлага обвинителката Вилма Русковска.
Тој е еден од бизнисмените што се осомничени во истрагата „Империјата“ и според обвинението од него биле земени пари за тој да добие полесен третман во случајот. Јанева се товари за злоупотреба на службената положба и овластувања, а нејзините активности, според воведните зборови на Русковска, биле тоа што таа на Јовановски му откривала детали од истрагите со цел тој потоа од осомничените да бара огромни суми пари за постапките да завршат со условна казна, на име на државата да се плати незначителен износ на пари, а во најдобар случај, бизнисмените да не бидат обвинети туку заштитени сведоци.