Во Македонија се уште не е стигната пресудата на грчкиот врховен суд кој одби екстрадација на бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски, наводно со образложение поткрепено со одлука од Стразбур дека еднаш дадено помилување не може да биде повлечено.
Но и без одлуката, ефектите веќе се чувствуваат.
„ Обвинетите во предметот Титаник и денеска побараа судот да ги отфрли обвиненијата на СЈО повикувајќи се на аболицијата на претседателот Иванов.“ – објави ТВ Сител во својот Дневник на 28.05.2018
„ Адвокатот на екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и пратеникот Илија Димовски, посочи дека помилувањето на шефот на државата не може да биде повлечено и се уште има правна сила.“- објави ТВ Алсат М во Дневникот на 28.05.2018
Реакцијата на судовите ќе зависи од ставот по прашањата – важи или не важи повлекувањето на помилувањето, но важи или не важи и самото помилување на претседателот Иванов од 2016-тата за вкупно 56 лица?
„ Останува уште една отворена врата – да се побара советодавно мислење на Форумот на високите судови при ЕСЧП. Тоа може да биде излез – да се побара правно мислење во конкретната ситуација за ова прашање.“ – изјави минатиот понеделник за 360 Степени поранешната судијка во судот за човекови права во Стразбур, Мирјана Лазарова Трајковска.
Ќе продолжат ли судските процеси за помилуваните или предметите на СЈО се пред блокада?
Оваа снимка е од словачкиот парламент од 1996 година. На неа е прикажан протест на опозициските пратеници додека на говорницата е лицето чие име деновиве е актуелно во Македонија- Иван Лекса.
Станува збор за поранешниот шеф на словачката тајна полиција, чиј случај беше аргумент на одбраната на Грујевски и Бошковски во Грција, а сега и аргумент да се прикинат сите судења против помилуваните од Иванов во Македонија. Накусо, Иван Лекса е помилуван за сомнежи за тешки кривични дела во 1998 та, за по смената на власта тоа помилување да биде повлечено. По повлекувањето на помилувањето, словачките судови првично го гонат, но потоа го прекинуваат прогонот бидејќи не наоѓаат основа за повлекување на помилувањето. Подоцна Лекса поведува и добива случај во Стразбур, за тоа што воопшто бил гонет во одреден период по првичното помилување.
Оваа и било која друга одлука на судот во Стразбур е важна затоа што создава обврска за сите земји членки на Советот на Европа, меѓу кои и Македонија, во идентични ситуации да ја следат праксата од судот за човекови права. Но, дали Лекса е ист или случај налик на она што со помилувањата се случи во Македонија?
Асистентот по Уставно право на Правниот факултет Денис Прешова вели не. Според него, пресудата на Стразбур за Лекса е последица на незаконитоста на повлекувањето на помилувањето, додека во Македонија, проблемот е во законитоста на самото помилување.
Илустративно .. Правото на претседателот на Македонија да помилува без никава процедура извира од членот 11 од Законот за помилување од 1993 година. Кога повикувајќи се на тој член Црвенковски го помилува Заев, во 2009 година власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ направи измени и дополнувања на Законот за помилување при што член 11 е избришан а со тоа и правото на претседателот да помилува без претходна процедура. Во 2016-тата Уставниот суд ги укина измените и дополнувањата од 2009-тата. Но, вели Прешова, повикувајќи се и на интернет-страницата на Уставен – овој суд не создава право туку констатира што е неправо. Тоа значи дека укинувањето на измените во 2009-тата не значат дека на сила е вратен членот 11 а со тоа и правото на претседателот да помилува без процедура.
Па сепак, Иванов помилуваше токму според тој член 11, кој за Прешова не постои се додека Собранието повторно не го донесе.
„ Заради тоа сметам дека судечките судии во постапките кои се пред нив и предметите кои ги споменавте во однос на лицата кои беа предмет на овие одлуки за помилување, судиите треба во овие постапки директно да се повикаат член 84 од Уставот и да кажат дека овие одлуки се во спротивност и со Уставот и со Законот бидејќи се базираат на непостоечка законска основа, односно на непостоечкиот член 11 од Законот за помилување од 1993 година.“ вели Денис Прешова.
Според Прешова, таквата одлука на основите судовите нема да значи дека на одбраната ќе и бидат ускратени сите правни лекови. Во теорија, на располагање ќе имаат барем уште еден мехиназам – Уставниот суд.
„ Можност постои. Ако одлучат бранителите во конкретните постапки, судски постапки пред нашите редовни судови, да понесат барања за заштита на слободи и права на нивните клиенти, на обвинетите значи, пред Уставниот суд, по донесените одлуки за одбивање на нивните приговори односно овие прашања како веќе оди процедурата за одбивање на обвинителните акти и за запирање на кривичните постапки. И доколку сметаат дека нивните права и слободи кои ги штити Уставниот суд се повредени.“
Како би постапил Уставниот суд во една таква ситуација е тешко да се претпостави. На пример, во одлуката од 2016 година кога Уставниот суд ги укинува измените на Законот за помилување од 2009-тата се вели дека „тоа е неотповиклив и конечен акт на милост на претседателот на Републиката“. Но, во друг предмет, само неколку месеци откако Иванов ги повлече помилувањата, Уставниот суд отфрлил иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуките за помилување, меѓу другото, и поради тоа што „оспорените одлуки не се во правниот поредок, односно престанале да важат“.
Одговор на прашањето – дали предметите против помилуваните од Иванов треба да продолжат или да се прекинат може да даде и судот во Стразбур. Таквата идеја веќе ја презентираше поранешната судијка од Македонија во тој суд, Мирјана Лазарова Трајкоска
„ Излез од вакви ситуации постои и протокол 16 е отворен за ратификација и тоа им дава можност на земјите-членки на конвенцијата да побараат советодавно мислење од ЕСЧП дури и кога тече постапката. Значи, да се посоветуваат со судот како да пристапат кон некоја правна работа. Но, бидејќи македонија се уште не го ратификувала овој протокол, останува уште една отоврена врата – да се побара советодавно мислење на Форумот на високите судови при ЕСЧП. Тоа може да биде излез – да се побара правно мислење во конретната ситуација за ова прашање.“
Претседателот на судот во кој се предметите против помилуваните од Иванов вели дека е свесен за оваа и за други опции, но дека не е работа на првостепениот суд да ги употреби.
„ Јас пред некое време веќе кажав дека за тоа прашање ќе треба веројатно некој друг да побара одговор. А Одлуките на повисоките органи, второстепениот суд, Врховниот суд или Уставниот суд, Основниот суд ќе ги почитува дословно. Сметам дека не е надлежност на овој суд, во овој момент, да иницира некоја таква постапка.“- вели претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев.
За тоа, како судот ќе се постави кон помилувањата, Џолев вели ќе зависи од секој судија поединечно.
„ Надлежност за одлучување за вакво прашање, дали постапката треба да продоложи во однос обвинетите или не, имаат единствено македонските судови и на тоа прашање единствено тие треба да дадат одговор.
Кој е одговорот, еве вие сте претседател на судот каде што се сите предмети во моментот, односно скоро сите?
– На самиот почеток се оградив дека ова не е став на кривичниот суд, туку мој личен став. Значи, за тоа дали постапката треба да продолжи или не апсолутно право да одлучуваат имаат судечките совети, а потоа по жалба нели и повисоките органи во судот – вели Џолев.
Но, на прашањето на 360 степени, претседателот на скопскиот кривичен суд сепак го сподели личниот став.
„ Еден судија доколку донесе пресуда без да отвори доказна постапка таа пресуда ќе биде веднаш укината од повисоката инстанца. Доколку некаква си аболиција или помилување биде донесена без соодветна постапка а таква постои и доколку истата не е заснована на закон, на член, на одредба, во тој случај вие одговорете ми дали таа има тежина или нема тежина, односно дали произведува правна сила“, вели Џолев.
На крај, сепак, судбината на предметите против лицата аболирани од Иванов е во рацете на судиите кои ги судат тие предмети. Тие се под дополнителен притисок кога станува збор за одлуки од Стразбур, бидејќи со последните законски измени, судија може да биде разрешен ако не ја следи праксата на овој европски суд.
Но, какви и да се одлуките на судиите, ќе има незадоволни. Вината повторно ќе биде лоцирана кај судот иако проблемот е создаден на друго место.
Или, како што вели Денис Прешова:
„Ова е всушност уште еден пример како нерасчистени прашања, уставно- правни пред се, создаваат последици дури и на краток, не само на среден рок.“
Напишете коментар