Комисијата за заразни болести бара МОН да достави дополнителни податоци за училиштата, а МТСП да доработи дел од протоколите
Нема договор како ќе се одвива наставата од септември и по денешниот состанок на Комисијата за заразни болести со претставници од Министерството за образование. Комисијата бара Министерството да достави податоци за сите училишта во сите општини и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои ги смета за клучни за утврдување каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било безбедно да се одвива настава и со физичко присуство.
Нема финална одлука ниту за градинките.
„Денес на Комисијата за заразни болести беа присутни и претставници на Министерството за труд и социјална политика и се разгледуваа и се разговараше и за протоколите за почеток на работењето на градинките. Заклучокот беше дека дел од протоколите треба да се доработат од страна на МТСП, да се разгледаат и потоа да се донесе одлука во врска со почеток на работењето на градинките“,
соопшти Кoмисијата за заразни болести.