Одбраната на Горан Грујевски и Никола Бошковски се уште не ја добила пресудата со која грчкиот врховен суд одби да ги екстрадира во Македонија. Во нејзино очекување, останува усното образложение на судот во Атина кое, како што вели адвокатот Петар Василев, било засновано на принципот дека еднаш дадено помилување од шефот на државата, не може да се повлече. Во прилог на овој став, одбраната приложила повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права, од кои за најсоодветна ја смета онаа во предметот „Лекса против Словачка“.
„Функцијата на Лекса кој аплицирал до Европскиот суд за човекови права е иста, односно слична како и на овие двајца обвинети, односно и тој бил директор на Агенцијата за безбедност и контраразузнавање во Словачка. На истиот начин, претседателот го има помилувано. Помилувањето исто така било со закон поништено и против него била спроведена постапка. Меѓутоа, Европскиот суд вели дека еднаш помилувано лице, односно еднаш прекината истражна или судска постапка, по основ на помилување, не може понатаму да продолжи“, вели адвокатот Петар Василев.
Адвокатот Василев смета дека истиот пристап треба да го имаат и судовите во Македонија, што би значело дека треба да ги прекинат сите постапки против помилуваните од Иванов. Аналогијата ја влече врз основа на тоа што и Македонија е потписничка на Европската конвенција за човекови права.
„Од 5-ти јануари до 28-ти мај оваа година, беа одржани 5 рочишта пред Врховниот суд на Р. Грција. И грчкиот Врховен суд многу внимателно го разгледа овој предмет со оглед дека беше обемен, со оглед дека во него постоеја голем број на правни прашања кои требаше да бидат одговорени. На секое рочиште едно по едно бараа објаснување од одбраната и да речеме ги отстрануваа правните дилеми. На крајот, тие побараа од нивниот Институт за меѓународно право да донесе мислење во врска со сите спорни правни прашања кои се наоѓаат во предметот. Дури и Институтот за меѓународно право даде мислење дека доколку постои помилување, понатаму обие луѓе не може да бидат гонети и против нив не може да биде распишувано каква било меѓународна потерница и не може да биде биде поднесено барање за екстрадиција“, вели Василев.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Мирјана Лазарова Трајковска, сака да ја види пресудата на грчкиот Врховен суд пред детално да ја коментира. Уште кога Иванов ги донесе одлуките во април 2016-та, Лазарова Трајковска беше меѓу оние што тврдеа дека членот 11 од законот за помилување, на кој се повика шефот на државата, воопшто и не беше на сила во тој момент. Поради големиот број опфатени со одлуките на Иванов, нејзината аргументација беше дека не станува збор за помилување туку за амнестија, што може да биде решавачко при евентуално изјаснување на Европскиот суд за човекови права.
„Самиот суд во однос на амнестијата и ваквите мерки што опфаќаат поголем број лица во ситуација кога има масовно прекршување на човекови права укажува на елементи на избегнување на правото и правдата и укажува на елементи на прифаќање на неказнивост кога се работи за масовни амнестии. Но, во однос на помилувањето праксата гледа еден друг ток, грaди еден друг канал бидејќи станува збор за индивидуализиран, поединечен акт на милост и кој по својата природа е неотповиклив ЕСЧП има една друга страна на праксата во овие предмети“, вели Лазарова-Трајковска.
А, дали станува збор за помилување или за амнестија, важно за Стразбур ќе биде и каков став ќе заземат домашните судови.
„Овие прашања е нормално одбраната да ги покрене пред националните судови и обврска е националниот суд да одговори на тоа прашање. Сега топката е кај националните судови и тие треба да одговорат дали се работело за чин на помилување и ако било помилување да ја применат праксата на ЕСЧП, а ако не да дадат објаснување зошто е тоа така. Важен е ставот на националните судечки судови во натамошното постапување ако тие стигнат пред ЕСЧП бидејќи во многу предмети судот во Стразбур се повикува на улогата на националните судови во примената на постапките што се случиле на територијата на земјата. Излез од вакви ситуации постои и протокол 16 е отворен за ратификација и тоа им дава можност на земјите-членки на конвенцијата да побараат советодавно мислење од ЕСЧП дури и кога тече постапката. Значи, да се посоветуваат со судот како да пристапат кон некоја правна работа. Но, бидејќи македонија се уште не го ратификувала овој протокол, останува уште една отоврена врата – да се побара советодавно мислење на Форумот на високите судови при ЕСЧП. Тоа може да биде излез – да се побара правно мислење во конретната ситуација за ова прашање“, вели Лазарова Трајковска.
Одбраната на обвинетите во случаите на СЈО веќе почна да ги користи неодамна донесените измени во законите за судскиот совет и за судовите, со кои неприменување на праксата на судот во Стразбур е наведена како основа за разрешување судија.
„Ако ставите како квалитативен критериум носење пресуда на ЕСЧП во однос на членот 6 и члнеот 5, иако не ми е јасно зошто тие два члена ги одбрале предлагачите на законот, и ако кажете за судија на кој му е донесена пресуда во однос на овие одредби од конвенцијата – ќе подлежи на дисциплинско казнување, или во оценувањето ќе му се намали оценката за одреден број бодови, тогаш вие кон судот отворате врата на постапување која на судот му дава димензија на 4-та инстанца. ЕСЧП постојано повторува дека тој не е суд од 4-та инстанца и неговите пресуди не треба да служат како подлога за казнување на националните судии. Судот постојано зборува за дијалог со националните судии и сметам дека такви основи за дисциплинско казнување и оценување на судиите во нивната работа во негативен контекст не заслужува да бидат вградени во националните закони“, вели Лазарова-Трајковска.
Мислите дека судиите во Македонија ќе се воздржуваат од носење пресуди и ќе се појави тренд на неказнивост?
„Да, може да се појави тренд на неказнисвост. Но, од друга страна, таквите одредби создаваат конфузија и неприменливост. На кој судија вие ќе примените одредба за казнување и намалување на бодовите при оценувањето кога пресудата која стигнала во Стразбур ги поминала сите инстанци – 2 или 3 инстанци, некогаш го минала и Уставниот суд. Кој е судијата на кој ќе се однесува таквата пресуда“, вели Лазарова Трајковска.
Оваа комплицирана правна ситуација на крај најверојатно ќе стигне до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. А, тој ќе има тешка задача – прво, да оцени дали Иванов имал законска основа да ги донесе одлуките. Потоа, дали станува збор за помилување или за амнестија, што е поврзано со прашањето за неказнивост во улови на масовно прекршување на човеквите права и злоупотреба на моќта и јавните фондови. И конечно, каков третман ќе имаат изјавите на дел од помилуваните дека ниту барале ниту ќе бараат помилување, при што некои, како Никола Груевски, поднесоа и писмено барање до Иванов за поништување на нивното помилување.
Напишете коментар