Одлуката на министерот за правда Билен Саљији да го запре годишното финансирање на 26 политички партии продолжува да предизвикува реакции од засегнатите.
„Не се споменуваме како Алијанса туку како партија која не постои со судско решение, покажува несериозност за таа институција.“, вели Арбен Таравари – генерален секретар во партијата Алијанса за Албанците.
„Ние оваа одлука на министерот за правда ќе ја утужиме пред Управниот суд.“, вели Димитар Апасиев – Член на Президиумот на Левица.
На одлуката донесена по предлог на Државниот завод за ревизија веќе реагираа други партии.
„Проблемот е кај нив и во најмала рака треба да и се извинат на Либерално-демократската партија за бламажата која ни ја прават во јавноста.“, зборуваше Горан Милевски – претседател на Либерално-демократска партија во претходната издание на емисијата „360 степени“.
„Генерално и за мене одлуката на министерството за правда е прилично изненадувачка, бидејќи таму како што може да се види има повеќе партии.“, рече Јанко Бачев – претседател на „Единствена Македонија“.
Од Државниот завод за ревизија не прифаќаат одговорност и тврдат дека постапиле правилно кога му предложиле на министерот за правда да го запре финансирањето за 26-те партии. Сепак, има ли простор за сомнеж во капацитетот и доследноста на заводот за ревизија?
„Неколку пати се повикува Државниот завод за ревизија да се екипира повеќе.“, изјави Ана Јанева – Делевска –од „Транспарентност Македонија“
————————————————-
За партијата Левица, во одлуката на министерот за правда објавена во Службен весник, се наведува дека во законскиот рок до 31 март годинава не доставила годишен финансиски извештај и извештај за донации. Но, од партијата тврдат дека не е така.
„Во образложението се наведува некаков си службен допис од Државниот завод за ревизија, меѓутоа да биде иронијата поголема, ние 3 дена пред истекот на рокот, ние имаме штембиљ токму од тој Завод за ревизија дека ние сме поднеле годишен извештај до него, така да станува збор или за недобра координација или за тенденциозност, меѓутоа бидејќи е широк кругот на партии коишто е опфатен, веројатно станувa збор за некоординација помеѓу државните органи на штета на сегашната структура на државно финансирање.“, тврди Апасиев.
Левица се подготвува да покрене спор пред Управниот суд.
„Во случајов станува збор за тужба која може да ја поднесете, но која нема суспензивно дејство. Значи, нивното решение произведува правно дејство, вие ќе останете без пари и можете да се тужите година две и станува збор за комплетно загрозување на политичкото делување. ..Да, но тоа може да потрае година, може да потрае година, нашата управна постапка согласно законите е осумстепена, може да ни го вратат на повторно одлучување, самиот Управен суд може да пресуди после две години, имаме и таква случаи така што вие се сте ставени во позиција да не можете кирија да платите за канцеларијата.“, вели Апасиев.
Во одлуката за запирање на државното финансирање на партиите фигурира и Движење за реформи – Албанска демократска партија, иако таа од поодамна го смени името во Алијанса за Албанците.
„Несериозност. Една институција треба да биде сигурна кога ќе даде некаков извештај. Нормално, ние како граѓани, па и како институции да речам, очекуваме од таа институција многу, да ни даде сигурно институции како функционираат во системот. Доколку излезат вакви работи, јас дознав дека и за други партии којшто практично пријавиле се што треба да се пријави до ДЗР и повторно излегуваат и нивни имиња, истото се случува со нас, значи не се споменуваме како Алијанса туку како партија која не постои со судско решение, покажува несериозност за таа институција.“, вели Таравари.
За оваа партија, Државниот завод за ревизија констатирал дека во рокот не доставила ниту еден од трите потребни документи – финансиски извештај, извештај за донации и годишна сметка. „360 Степени“ имаше увид во документите што партијата ги доставила до заводот за ревизија. Од нив се гледа дека партијата во законскиот рок го доставила финансискиот извештај, а по 5 дена и годишната сметка и извештајот за донации. Одлуката на министерот за правда е донесена дури 20 дена подоцна, па нејасно е зошто Алијанса за Албанците е опфатена со неа.
Поради овие, но и поради други реакции, се обративме со неколку конкретни прашања до Државниот завод за ревизија. Но, оттаму не добивме конкретни туку еден воопштен одговор. На пример, заводот за ревизија воопшто не се осврнува на нашите прашања зошто Левица и Алијанса за Албанците се меѓу санкционираните партии. Или зошто во одлуката се наведува дека Либерално-демократкста партија не доставила и годишен финансиски извештај, кога самиот Завод призна дека ЛДП требала само на посебен меморандум да наведе дека немала донации во 2017-та година.
Во одговорот, од Државниот завод за ревизија наведуваат дека по објавувањето на одлуката во Службен весник, седум партии дополнително доставиле некој од бараните финансиски документи.
„Државниот завод за ревизија стои на своите констатации наведени во предлогот доставен до Министерството за правда, со тоа што ги зема предвид дополнително доставените финансиски документи од политичките партии по што, онаму каде што се целосно исполнети обврските за известување, за нив ќе се извести Министерството за правда да ја отстрани суспензијата.“, велат од Државниот завод за ревизија.
Ана Јаневска Делева од „Трансарентност Македонија“ вели дека вршењето ревизија на политичките партии е голем залак за Државниот завод за ревизија. Особено што приемот на извештаите е само вовед во нивната содржинска проверка.
„Тоа најповеќе се должи на недоволна екипираност на Државниот завод за ревизија за што и самата ГРЕКО повикуваше, односно препораките на ГРЕКО беа од кога се направија измените во Законот за финансирање на политички партии, каде што над сите политички партии треба да биде извршена ревизија за нивното финансиско работење. Во контакт со ДЗР кога стапивме и кога разговаравме ни кажаа дека да, тоа е законска обврска, меѓутоа самиот Државен завод за ревизија нема капацитетите за тоа да го направи, бидејќи на списокот сега не ме фаќајте за збор не знам точно, меѓутоа во тоа време имаше над 50 политички партии регистрирано во Република Македонија што е многу голема бројка за Државниот завод за ревизија да се направи детална ревизија на сите овие политички партии.“, изјави Ана Јаневска Делева – „Транспарентност Македонија“.
Освен можните пропусти од Заводот за ревизија, не може да се амнестираат и дел од партиите, вели таа.
„Самите политичките партии не се доволно транспарентни. Не можете да ги најдете нивните адреси, нивното седиште, за воопшто да ги исконтактирате, а камоли сите да ви испратат извештаи, не се сите толку ажурни и не ги праќаат извештаите.“, смета Јаневска – Делева.
За 2018-та во буџетот се планирани околу еден милиони 830 илјади евра за финансирање на политичките партии, кои се делат според бројот на освоени пратенички и советнички места на последните избори. Ако се озакони политичкиот договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на државното финансирање, оваа сума в година може да достигне до 5 милиони евра
Напишете коментар