
Со сирени како повик за протест и трактори, жителите на штипската Oпштина Карбинци денеска протестираат поради несоодветен ископ на песок од реката Брегалница.

„Сите сме против, бидејќи песокот се краде. Преку 300 камиони со песок се изнесени досега. Бараме да се одземе дозволата за ископ бидејќи не се уредува речното корито. Трпиме штета, каналите се пропаднати, пумпите што ги имаме по нивите се залудни, ќе нема од каде да земаме вода, а ќе снемаме и вода за пиење. Наместо да се уреди, да ни олеснат, се сведува на крадење песок. Мораме да се држиме сите заедно за да опстанеме. За два дена собравме околу 250 потписи. Општината има вкупно 500 жители, но не стигнавме да ги поминеме сите куќи“, рече Марјан Стојанов, претседател на месната заедница од Карбинци.

Протестот почна близу речниот ископ, по што се префрли пред општинската зграда.

На терен утрово увид правеше и водостопански инспектор од Државниот инспекторат за животна средина.
Изведувач на ископот од реката Брегалница во атарот на селото Карбинци е штипската фирма „Џоле транс коп“, која работи со дозвола од акционерското друштво „Водостопанство“, формирано од Владата.
Целта на дозволите за ископ е да се уредуваат речните корита, да се подобри режимот на реките, а со тоа и да се превенира од поплави. Во договор со „Водостопанство“, фирмите изведувачи на терен може да го продаваат вишокот речен песок, но во строго контролирани услови.

„Речното корито не се уредува, туку напротив, само се зема песокот“, рече Влатко Симов, жител на Карбинци.
Годинава Министерството за животна средина издало девет дозволи за уредување на речните корита.
„360 степени“ подготвува опсежно истражување за експлоатацијата на песок и чакал од речните корита низ земјава. Истражување ќе се емитува в понеделник (9 декември), во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.