Намалување на бројот на новозаразени и починати, а зголемување на бројот на оздравени лица, регистрира Институтот за јавно здравје во извештајот за последната недела, во периодот од 20 до 26 јули.
Оттаму известуваат дека во истиот период се направени вкупно 9 563 тестирања (1402 повеќе од периодот 13-19 јули), а регистрирани се 956 позитивни случаи на ковид-19, што е за 82 случаи помалку од претходната недела. Во просек, 10% од тестираните се позитивни на ковид-19.
Новозаболени се регистрирани во 29 града, и тоа најголем процент има во Скопје (37,3%), што е сепак благо намалување во однос на претходната недела, за разлика од Штип каде што има 16,1% новозаболени и претставува зголемување во однос на претходната недела. Во 17 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.
Во однос на старосната структура на новозаболените во овој период најголем процент се лица помеѓу 50 и 59 години (22,3%), а поголем број заболени се регистрираат и кај лицата помеѓу 40 и 49 години и над 60 години (19,6% во двете групи). Најмал број новозаболени има кај децата, и тоа 0 до 9 години (2,6%) и од 10 до 19 години (4,7%) од вкупниот број на новозаболени.
Од случаите што се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 127 лица или 14,2%, а кај 279 лица или кај 31,3% регистрирано е присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број епидемиолошки истражените новозаболени, 44,4% имале контакт со потврден случај на ковид-19, а 21 лице (9 повеќе од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.
Во периодот 20-26 јули регистрирани се 654 оздравени лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 109 лица или 20% повеќе од претходната недела на известување (13-19 јули).
Во периодот 20-26 јули регистрирани се 32 смртни случаи, што е 12 смртни случаи помалку од претходниот период. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 84,4%. 29 од случаите се починати во болнички услови, а 3 вонболнички. Кај 26 од смртните случаи (81,3%) регистрирани се претходни коморбидитети.