Министерот за правда го запрел редовното годишно финансирање од државниот буџет за 26 политички партии.
„Државниот завод за ревизија достави предлог … за запирање на исплатата на средства на политичките партии што не доставиле извештај од регистарот на примени донации, годишна сметка или годишен финансиски извештај.“, велат од Министерството за правда.
Министерот Билен Салији ја потпишал одлуката на 25-ти април и по два дена таа е објавена во Службен весник.
„Очигледно е дека таму од каде што треба да почне правната држава, таму прво затајува.“, смета Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл – Македонија“
Меѓу санкционираните се и партии од владејачката коалиција.
„Проблемот е кај нив и во најмала рака треба да и се извинат на Либерално-демократската партија за бламажата која ни ја прават во јавноста.“, тврди лидерот на ЛДП Горан Милевски.
„Веројатно е настаната грешка, но ова не е мала грешка.“, рече Самка Ибраимоски, претседател на ПЦЕР.
„Генерално и за мене одлуката на министерството за правда е прилично изненадувачка, бидејќи таму како што може да се види има повеќе партии.“, вели Јанко Бачев – претседател на „Единствена Македонија“.
Дали оние од кои се очекува да бидат пример за законско работење се неотчетни или Државниот завод за ревизија бара влакно во јајце?
Секоја година 0,06 отсто од изворните приходи на државниот буџет се издвојуваат за финансирање на политичките партии. За 2018-та тоа се околу еден милион 830 илјади евра. 30 отсто од нив или околу 600 илјади евра се делат на сите партии што освоиле најмалку 1 отсто од гласовите на последните парламентарни избори на ниво на држава или 1 отсто на локалните избори на ниво на општина. Другите 70 отсто или околу еден милион и двесте илјади евра се распределуваат врз основа на бројот на освоени пратеници и советници.
Освоените гласови на избори не се единствениот услов за државно финансирање на партиите. Законот ги обврзува партиите до 31-ви март во тековната година до Државниот завод за ревизија да достават извештај за добиените донации, годишна сметка и годишен финансиски извештај за претходната година.
Најмалку еден од овие три документи навреме не го доставиле 26 политички партии. Тоа го констатирал Државниот завод за ревизија и му предложил на министерот за правда да им го запре редовното финансирање од државниот буџет. На списокот се НСДП на Тито Петковски, ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски, Обединети за Македонија на Љубе Бошковски, Сојузот на Ромите на Амди Бајрам, Алијанса за позитивна Македонија, Унитети, ПДП, Левица и други.
Лидерот на Либерално-демократската партија, која е опфатена со одлуката, тврди дека ги доставиле сите извештаи, освен регистар за донации, бидејќи донации воопшто и немале во 2017-та.
„Сме прашале дали се доставени сите документи – не, ви недостасува годишен финансиски извештај и за еден час се доставил и за тоа има потпис и печат дека го примиле и ни рекле се е во ред, да си ја гледате вашата работа, ние ќе ги комплетираме документите. Значи, не е културно, има толку многу вработени во Државниот завод, па има и толку невработени, ако недостасуваат кадри, нека кажат да инсистираме да се вработат професионалци кои ќе знаат да читаат документи. Сме навеле, точно е тоа дека немаме донации, немаат тие некој формулар за ние да го пополниме за донации туку кажуваат да доставите извештај. Ние им пишавме дека донации немаме и таков извештај не можеме да им доставиме.“, тврди Милевски.
Со слично тврдење е и Самка Ибраимовски. Вели дека неговата Партија за целосна еманципација на Ромите навреме, по пошта, ги испратила извештаите до Државниот завод за ревизија.
„Ако Државниот завод за ревизија го негира овој печат овдека тогаш… поштата е крива, ама не верувам дека не ги добиле, ако не ги добиле се враќа назад пратката, а тука веќе предадена е и има печат од Централен регистар, тука нема зошто да сe кријат позади ова дека не добиле. Веројатно е настаната грешка, но ова не е мала грешка, гледам тука негде околу 20 и неколку партии.“, рече Ибраимоски.
Јанко Бачев, пак, од Народното движење на Македонија – партија која се преименува во „Единствена Македонија“, тврди дека извештаите до Заводот за ревизија ги пратил електронски, според праксата на комуникација со Централниот регистар и Управата за јавни приходи.
„Јас поразговарав со нашите луѓе одговорни за материјално- финансиско работење во партијата и мене ми е пренесено дека најверојатно се работи за ненамерен превид. Од пред некое време Централниот регистар и УЈП ги примаат по електронски пат овие документи, за годинава за којашто зборуваме, значи за последната година и до Државниот завод се пратени електронски, меѓутоа се консултиравме сега и ни рекоа дека не функционира системот на електронско примање на финансиски документи во ДЗР и затоа ние во текот на вчерашниот ден повторно ги поднесовме овие документи.“, вели Бачев.
За конкретните тврдења на засегнатите партии побаравме објаснување од Државниот завод за ревизија. Од Заводот потврдуваат дека ЛДП на Горан Милевски го назначила немањето донации со посебна реченица во пропратниот допис за достава на финансиските извештаи, но велат дека тоа требало да се направи на посебен меморандум како посебна изјава. Од ПЦЕР на Самка Ибраимовски, велат од заводот за ревизија, е стигната пратка во законскиот рок, но физички не е регистриран документ за годишна сметка што може да е ненамерен превид кај самиот подносител. Од Заводот додаваат дека по координацијата со оваа партија заклучиле оти таа поднела годишни сметки до другите надлежни органи, така што од денеска и овој прилог ќе бил обезбеден.
„Овие два случаи немаат материјално влијание врз дисциплината на поднесувањето на финансиските извештаи на наведените партии и цениме дека не треба да бидат предмет на критики на јавноста. Како што самите можете да прочитате во одлуката објавена во „Службен весник“, таа ќе трае до уредно исполнување на обврските од партиите согласно Законот.“, ни одговорија од Државниот завод за ревизија.
Но, вакви и слични ситуации не се случуваат првпат. Минатата година министерството за правда ги запрело финансиите од буџетот за 41 партија, во 2016-та за 28, а во 2015-та за 33 партии. Поголем дел од партиите, случајно или не, ги повторуваат грешките.
Познавачите на темата велат дека во други земји непочитување на законот може скапо да ги чини партиите.
„Смислата на Законот е да се почувствува влијанието на санкцијата која што значи дека ќе бидат скратени од финансирање од буџетот за определен период, затоа што не го испочитувале законот. Нашиот закон иако содржи ваква мерка, оваа одлука не влегува во прекршочната постапка, тука може да постапува сега Управниот суд, меѓутоа во други држави, во ситуација кога политичките партии се нетранспарентни во однос на нивното финансиско работење и не доставуваат документи за финансиското работење до надлежните институции, може да се определи мерка забрана за учество на следни избори. Значи, сепак, ние имаме еден од поблагите закони и треба да биде почитуван.“, вели Слаѓана Тасева од „Трнаспаренси Интернешнл – Македонија.“
Запирањето на државното финансирање за 26 политички субјекти доаѓа во период кога власта и опозицијата договараат ремонт на финансирањето на партиите.
Како што веќе објави 360 Степени, реформата предвидува зголемување на финансирањето на партиите од државниот буџет и намалување на донациитеи тоа за два и пол пати. Тоа значи дека годишно околу четири и пол милиони евра од буџетот би оделе за финансирање на партиите. Ова ќе ја зголеми потребата за уште поригорозна контрола и отчетност, но поради зголемиот интерес, можеби ќе ги натера и партиите да бидат што подоследни во почитување на законот.
Напишете коментар