Граѓанска иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“ за денеска најавија нов протест против палењето на регионалната депонијата но и за нејзина дислокација од локалитетот кој е во близина на градот.
Од граѓанската иницијатива велат дека депонијата кај Русино ги загадува воздухот, почвата и водата.
„Целта на протестот е стопирање на палење на депонијата, нејзино затворање и дислоцирање. Русино гори веќе непрекинато неколку месеци и е без стандарди да се нарече депонија. Не труе нас граѓаните на Гостивар и околината. Го загадува воздухот, почвата и водата и со тоа е нарушено нашето здравје“
се вели во најавата за граѓанскиот протест
Ќе се протестира со возила. Поворката прво ќе кружи низ гостиварските улици, а потоа ќе се упати кон депонијата Русино. Од тоа што може да се види на социјалните мрежи, поддршка за протестот дава и градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој на својот фејсбук-профил напиша: „Вечерва од 18 часот заедно ќе протестираме за депонијата Русино“.

За депонијата Русино, која ја користат девет општини од Полошкиот Регион, членовите на граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух во Гостивар“ секојдневно објавуваат слики и видеа за состојбата на депонијата и ги предупредуваат сограѓаните кога има енормна загаденост.
Додека градот се гуши а граѓаните се бунат, за доизградба на регионалната депонија Русино стојат на располагање 1,9 милион швајцарски франци доделени како грант од швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања за проектот наречен „Управување со цврст отпад во Полошкиот Регион“. Се требаше да биде изведено во три фази.
„Целта е да придонесеме за чиста и здрава животна средина. Целиот процес ќе се изведе во три фази. Првата фаза треба да заврши догодина (во 2020 година н.з.) и ќе се однесува на решавање на најсериозните влијанија на депонијата Русино врз животната средина преку изградба на насипи и ровови и рециркулација на исцедните води, а ќе се работи и на зголемување на јавната свест и ќе се овозможи подобро собирање на сметот преку набавка на контејнери. Втората фаза од доизградбата на депонијата Русино ќе трае од 2021 до 2026 година. Вкупната вредност на првата и втората фаза ќе изнесува еден милион и 900 илјади швајцарски франци“,
изјави Јан Герит Тесинк, тим лидер за подготовка на програмата, на 9 октомври 2019 година.