Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, е повикан од Специјализираното обвинителство на Косово со седиште во Хаг.
Интернет порталот „Инсајдери“ дознава дека поканата да се појави пред обвинителството, Ахмети ја добил пред изборите, кои ги искористил како аргумент за да го одложи заминувањето во Хаг.
Сега откако изборите завршија, како што најавува „Инсајдери“, се очекува тој да замине во Хаг за да биде сослушан од меѓународните обвинители кои водат истраги за воени и повоени злосторства.
Тој за ТВ 21 потврдил дека е повикан како сведок, бидејќи е еден од основачите на ОВК, но не сакал ниту да потврди ниту да демантира дали неговото сведочење се однесува на случајот со косовскиот претседател Хашим Тачи.
Специјализираното обвинителство минатиот месец објави дека на 24 април поднесло обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото против претседателот на Косово, Хашим Тачи, против лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, и неколку други поранешни водачи на ОВК.
Лидерот на ДУИ во своето последно интервју за косовската државна телевизија изјави дека сите обвинувања не држат и дека „војната на ОВК била чиста како солза“.