Според официјалните податоци, во Србија има 359 новозаразени, додека собирањето на сите податоци покажува дека бројката е повеќе од два пати поголема и заболено од ковид-19 во изминатото деноноќие е 791 лице. И тоа без податоците за Белград, Ниш, Лесковац и Врање.
Новинарите на порталот на српската телевизија Нова, повторно ги доведоа во прашање официјалните бројки за заразени од коронавирус кои ги објавуваат тамошните здравствени власти.
Со едноставно собирање на податоците во последните 24 часа, врз основа на соопштенијата кои ги праќаат локалните Заводи за јавно здравје и општинските кризни штабови, тие констатирале дека бројките не одговараат на „збирните“ податоци кои секое попладне во 15 часот ги објавува Републичкиот кризен штаб.
Врз основа на официјалните податоци, во Србија има 359 новозаразени, додека собирањето на сите податоци покажува дека бројката е повеќе од два пати поголема и заболено од ковид-19 во изминатото деноноќие е 791 лице“, велат од Нова.рс.
Оттаму укажуваат дека слична била ситуацијата и вчера, кога државните здравствени власти изнесле бројка од 396 а реалната била 562.
За српскиот министер за здравство не се важни бројките туку пациентите
Прашан за проблемот со точноста на податоците, министерот за здравство Златибор Лончар за овој медиум изјавил дека броевите се помалку битни, а приоритет се пациентите.
„Има различни случаи. Некои се водат како позитивни бидејќи се уште не им се стигнати резултатите од PCR тестот, други треба да се тестираат со таа метода за да бидат примени во болница, а има и такви кои се тестираат во повеќе лаборатории, па по три пати се појавуваат во резултатите“,
рекол Лончар.
Тој не знаел да објасни како е можно некој да направи три теста во еден ден, особено што според оддалеченоста меѓу лабораториите, тоа е и физички невозможно.
Не се ниту 791, нема податоците за новозаразениет од Белград, Ниш, Врање и Лесковац
Двојно поголемиот број на новозаразени, според овој медиум е само „прелиминарен“ бидејќи српските здравствени власти не ги објавуваат податоците за заболените во Белград, во кој живее една третина од населението а освен за хоспитализирани, нема податоци ниту за бројот на новозаразени во Ниш, Врање и Лесковац.
Тоа, според Нова.рс значи дека ниту бројот од 791 до кој тие стасале не е точен, па затоа го нарекуваат „прелиминарен“.
Токму манипулациите со бројките и најавите за воведување полициски час, откако Вучиќ предизборно прогласи победа над короната беа причина за неколкудневните протести во Белград.