На суспендираниот судија Владимир Панчевски ќе му се суди во Основниот суд во Велес, одлучи Апелациониот суд. Апелација расправала по предлогот на судија кој побарал надлежен суд за предметот на Панчевски да не биде Основниот суд во Скопје.
„Второстепениот суд утврдил дека обвинетиот е судија во конкретниот суд и со цел да се исклучи секакво сомневање во непристрасноста на првостепениот суд што би можела да влијае врз перцепцијата за објективноста на судот, како и согласно член 6 од Европската конвенција за човекови права, постојат причини за пренесување на стваранта надлежност. Со решението на Апелациониот суд – Скопје, Основниот суд Велес се определува за стварно и месно надлежен суд да постапува по конкретниот предмет“,
пишува во дописот што од Апелација го испратиле до Основниот суд во Скопје.

Основното јавно обвинителство поднесе Обвинителен предлог против поранешниот претседател на Основниот кривичен суд Владимир Панчевски за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување за распределба на предметите во АКМИС системот.