Основното јавно обвинителство Скопје по прибирање на сите материјални и вербални докази, денеска поднесе Обвинителен предлог против едно лице, поранешен претседател на Основниот кривичен суд – Скопје, Владимир Панчевски за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
„Обвинителството утврди дека во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, обвинетиот како службено лице – претседател на Основен суд Скопје I Скопје, со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на кривичното дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, со пречекорување на границите на своето службено овластување. Притоа, обвинетиот потешко ги повредил правата на друг, постапувајќи спротивно на член 6 став 1 алинеја 3, 4 и 15 од Законот за управување со движење на предметите во судовите и на член 7 од Законот за судовите“,
пишува во нивното соопштение.
Иако бил должен да ја следи состојбата на управувањето со движењето на предметите во судот, а особено формирањето на предметите, предавањето на предметите во работа и состојбите со функционирањето на автоматизираниот информатички систем за управување со судските предмети, обвинетиот како претседател на судот влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување. Имено, обвинетиот со ставање на писмен „параф“ од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот. Со ваквите дејствија, обвинетото лице на странките во така распределените предмети потешко им го повредил правото на еднаков пристап пред судот во заштитата на нивните права и правно заснованите интереси.
Во текот на временскиот период кој е детално истражен од страна на надлежниот обвинител, беше констатирано дека со давање на писмен „параф“, обвинетиот наредил распределба кај конкретни судии на четири предмети доставени од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, на два предмети кои во судот биле доставени на натамошна надлежност од Основните судови Неготино и Куманово, на 41 предмет доставен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на две обвиненија поднесени од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“,
соопштуваат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.